Дојавите за бомби стигнале по електронска пошта до седум училишта, по што вработените и учениците беа евакуирани и се направија антитерористички проверки кои покажаа дека дојавите се лажни

Сите дојави за бомби во седум училишта во Скопје се лажни. Потврдата на оваа информација доаѓа од МВР откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби. Од МВР велат дека станува збор за училиштата „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Панче Караѓозов“, „Михајло Пупин“ и „Арсениј Јовков“.
„Министерството за внатрешни работи информира дека денешните дојави за бомби поради кои беа евакуирани седум училишта се лажни. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
велат од МВР.
Денешните дојави беа осми по ред во изминатите три недели и сите досега се покажаа како лажни.
Во 9:30 часот во СВР Скопје беше пријавено дека на електронската адреса на седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.