Клиниката „Жан Митрев“, би можела да ги намали цените, но дали ќе го направи тоа и за колку, ќе биде познато денеска, додека „Систина“ одбила бидејќи ѝ било економски неисплатливо.
Ова го кажале од приватните болници на вчерашната средба со министерот за здравство Венко Филипче.
„Иако апелирав тоа да се направи затоа што е криза, затоа што е пандемија, доктор Жан Митрев изрази спремност и рече дека денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент, а од ’Систина‘ јасно ни кажаа дека тоа не може да го направат поради тоа што немале економска логика“,
изјави Филипче кој додаде дека државата формално-правно нема механизам да влијае.
На средбата со медицинските директори, покрај овие две болници, биле и од „Ремедика“ каде што не се лекуваат ковид-пациенти, а се зборувале и за распределбата на кадар. Па, како што беше најавено, осум лекари од овие приватни установи од утре ќе се вклучат во системот на ротација на државните клиники во Скопје.
„Тоа се 5 лекари од ’Систина‘, 2 од ’Ремедика‘ и веројатно 1 од ’Жан Митрев‘, иако првичната најава беше дека голем број од здравствениот кадар е на боледување. Оваа бројка на лекари специјалисти ќе биде во истиот систем на ротација во рамки на клиниките во Скопје“,
рече Филипче.
Кога станува збор за високите трошоци за лекови и за пациентите што се на домашно лекување, министерот вели дека може да се интервенира само за оние лекови што се на позитивната листа, па најави такво нешто за „хепаринот“.
„Ние можеме да интервенираме во делот на тоа што ни нуди законот, а тоа е интервенција во цената, ревизија на сите лекови кои се на позитивната листа. Тие што се купуваат на приватно навистина немаме механизам како да ги контролираме. Во таа смисла, веќе се покрена конкретно прашањето за замената на ‘хепаринот’ и мислам дека тука ќе најдеме некое решение со Фондот“,
вели Филипче.