Приватната болница „Аџибадем Систина“ објави дека набавила 15 000 теста за коронавирус.
Со ова, соопштија од болницата, капацитетот е да се прават до 300 теста дневно, а цената на еден тест е 1 200 денари.
За некој да си направи тест мора прво да закаже термин преку телефонскиот број 02/3099500. Пунктот за тестирање ќе работи секој ден од 8 до 15 часот.
„Тестирањето е преку земање примерок од крв, а процедурата на тестирање не трае подолго од 10 минути. Примероците за тестирање на ковид-19 се земаат во специјален пункт кој е целосно одделен од останатиот дел од болницата со цел максимална безбедност и заштита. Резултатите од тестот се брзи, ефикасни и прецизни со точност повеќе од 92.9 проценти и се добиваат два часа по тестирањето на претходно доставената електронска адреса“,
велат од „Систина“.
Овој тест, посочуваат, како нов производ на пазарот, сега се користи речиси во сите болници во Велика Британија, САД, Полска, Србија, Турција, Италија и други земји зафатени од пандемијата на коронавирусот. Научниците го тестирале првично во градот Вухан, во Институтот за вируси во Кина, каде што се потврдил како еден од најефикасните и најбрзи методи за детекција на коронавирусот.