Амбасадорката Агелер вели дека не е време за политизација на овој случај и ги повика институциите да се запрашаат зошто дозволиле криминалци слободно да се движат

Системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Вака американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер го коментира убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Амбасадорката Агелер, во интервју во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, вели дека е време институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат што можеле да сторат за да ја спасат оваа млада девојка и сите други деца во земјава.
„Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните пртеходни злосторства. Не морале да ја платат таа цена и цената ја плати таа млада девојка. Вања ја плати цената. Срцепералетлно е, апсолутно е срцепарателно и сега не е време за политизација“,
рече Агелер одговарајќи на прашањето за коментар за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, случај кој, како што рече водителот на емисијата, не беше поштеден од политизирање, партизирање, непочитување на моментот на болка.
Агелер ги повика институциите да се запрашаат и зошто дозволиле криминалци слободно да се движат.
„Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава? Ова е трагедија и се надевам, се молам, дека оваа држава, граѓаните, институциите и државните претставници ќе се погледнат во огледало и ќе прашаат што треба да направиме сега за да се осигуриме дека вакво нешто никогаш веќе нема да се случи“,
додаде Агелер.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје, на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција.
Од Министерството за правда информираа дека од нивните турски колеги добиле известување оти го примиле барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Палевски се сомничи за две кривични дела – грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница, беше фатен во турскиот град Беликесир.
Колку ќе трае постапката во Турција, од Правда велат дека не знаат, оти станува збор за национално законодавство на друга држава, но очекуваат дека Палевски ќе ги искористи сите правни механизми и дека ќе се жали пред турските органи во рамките на процедурата.
Очекувањата се дека постапката во Турција ќе трае неколку месеци.
Сите останати осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесол Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.