Освен што немаат елементарни услови за живот, голем дел од овие лица не добија никаква финансиска помош за корона-кризата, критикува невладиниот сектор
Ранливите групи на граѓани немаат никакви можности да се заштитат од ковид-19, алармираат повеќе граѓански организации и ја повикаа државата да ги заштити.
Како критични места ги посочија населбите каде претежно живеат Роми и посочија дека стравуваат дека вирусот може брзо да се прошири на овие места, потенцирајќи дека тука недостасуваат елементарни услови за живот.
Станува збор за граѓанските организации: Здружение Национален ромски центар, Романо Чачипе, Здружение на граѓани на просветни работници за заштита на правата на жените и децата (ЛИЛ), Иницијатива за развој и инклузија на заедниците, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Станица П.Е.Т., Фондација ИДЕА Југоисточна Европа, Сонце – Асоцијација за демократски развој на Ромите, КХАМ Делчево, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијатива на жени од Шуто Оризари, Фондација Отворено општество.
Според нив, постои опасност овие општини да станат нови жаришта на Ковид-19, а потенцираат дека изминативе месеци не е изнајдено решение за нивна заштита.
„Ромите кои живеат во импровизирани и привремени живеалишта на територија на целата држава останаа без можност да ги почитуваат препораките за заштита и мерките за хигиена, бидејќи немаат пристап до проточна вода ниту средства да ја набават, како ни до заштитна опрема и средства за хигиена. Во Шуто Оризари, голем број граѓани беа оставени без матичен лекар. Бремените жени од оваа општина и во време на пандемија повторно се соочуваат со нов проблем за преглед, бидејќи гинеколошката ординација е без гинеколог. Исто така, одделот за вакцинација во Шуто Оризари беше во прекин, со што децата од претшколска и школска возраст беа оставени без лекари. Во Делчево сè уште нема јавен превоз, што е дополнителен проблем за социјално ранливите групи, кои имаат потреба од преглед или контрола во клиничките болници.“,
истакнуваат од организациите.
Од таму посочуваат дека голем дел од овие граѓани не добиле никаква материјална помош од државата за надминување на последиците од ковид-19.
„Голем дел од ранливите и маргинализирани граѓани, поради некоординираноста на институциите, не ја добија еднократната финансиска помош за Домашна платежна картичка, иако ги исполнуваа условите за картичката“,
посочуваат тие.
Невладините додаваат дека во последните четири месеци, испратиле десет барања за подобрување на положбата на ранливите групи граѓани, во услови на социо-економска криза предизвикана од Ковид-19, но на овие барања, од надлежните институции најчесто добивале одговори дека се ненадлежни.
Тие апелираат креаторите на политиките да воспостават механизми за справување со економските и социјалните последици кои се предизвикани од здравствената криза и да се преземат итни мерки, за да им овозможат еднакви можности за превенција и да спречат потенцијална појава на нови жаришта и на неконтролирано ширење на Ковид-19.