Синови на актуелни судии и обвинители, сопругите на шефот на ОЈО ГОКК и на еден градоначалник, синот и снаата на претседателот и генералната секретарка на Собранието се меѓу кандидати што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители
Правосудството во земјава ќе се поднови со нови кадри. Вкупно 58 кандидати го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители и конечната ранг-листа денеска ќе биде доставена до Судскиот совет и до Советот на јавни обвинители.
„Ви посакуваме брз избор“, им порачаа од Академијата на идните судии и обвинители.
Од 58 кандидати, 30 положиле за да бидат судии, а 28 за јавни обвинители. На листата идни правораздавачи може да се пронајдат имиња на блиски роднини на функционери, актуелни и поранешни обвинители и судии.
Меѓу оние што најмногу „паѓаат во очи“ е името Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде иден јавен обвинител. Рангиран е на 42. место со вкупно 55,68 поени.
Името на Барлет Џафери ја брануваше јавноста кон крајот на 2022 година, кога Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) објави дека се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година, иако сè уште не бил дипломиран.
Покрај на претседателот на Собранието, и роднина на генералната секретарка на законодавниот дом, Цветанка Иванова, во иднина ќе биде дел од правосудството. Нејзината снаа Билјана Иванова е рангирана на 21. место и ќе биде судијка.
Сопругата на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, исто така, во иднина ќе биде негова колешка – јавна обвинителка.
Албулена Абази ја заврши Академијата на 51. позиција од 58 кандидати што положиле.
Тоа што таа беше слушател беше причина Абази да се откаже од местото во Управниот одбор на кое го предложи Советот на јавни обвинители.
„Како што истакнав и во моето првично обраќање до јавноста, мојата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители. Со оглед на тоа што таа е пред завршување на Академијата, не сакам да падне каков било сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето“,
изјави Абази во ноември 2022 година, една недела откако беше избран за шеф на ОЈО ГОКК.
Обвинителот уште тогаш не гледаше ништо спорно што и неговата сопруга ќе биде јавна обвинителка и, како што рече, законот забранува само брачни другари да работата во исто јавно обвинителство, па неговата сопруга може да конкурира на огласи за други обвинителства во државата.
И ќерката на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска ќе стане дел од правосудниот систем, но за разлика од нејзината мајка, Билјана Смаќоска, таа ја заврши Академијата како кандидатка за судијка. Таа е треторангирана на конечната листа.
Веднаш под нејзиното име – на четвртото место на ранг-листата за оваа генерација кандидати од Академијата, пак, може да се прочита дека се наоѓа кандидатката за судијка Симона Муцунски-Бубевска. Станува збор за сопругата на Тимчо Муцунски, градоначалникот на Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, партија од која утрово ги обвинија владејачките СДСМ и ДУИ дека со деца и сопружници на функционери од власта се полни правосудството.
Помеѓу идните судии и јавни обвинители може да се прочитаат имиња на ќерки и синови на уште неколку актуелни правораздавачи.
Драган Јосифовски, синот на обвинителката Елизабета Јосифовска, која беше дел од СЈО и заменичка на Катица Јанева, ќе биде иден судија. Тој на конечната ранг-листа заврши на 13. место.
Тука е Јетмир Беџети, синот на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети, кој беше дел од советот што ја укина пресудата за масовното прислушување во „Таргет-Тврдина“, а Судскиот совет утврди дека без објаснување случајот бил држен во фиока со месеци. За разлика од неговиот татко судија, Јетмир Беџети се определил да биде јавен обвинител. Тој е рангиран на 49. место.


