Спроти распуштањето на парламентот, синот на Минов бил вработен во новата буџетска канцеларија во парламентот. Некогашниот член на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, лани во јануари гласаше за прогласување на уставните измени
Синот на независниот пратеник од Кавадарци Панчо Минов од неодамна е вработен во Собранието, односно во буџетска канцеларија, што беше промивирана оваа седмица.
За ова вработување информира порталот „Република“, од каде што побарале изјава од Минов. Пратеникот потврдил дека неговиот син е вработен во Собранието, преку, како што рекол, фондација.
Минов, поранешен долгогодишен градоначалник на Кавадарци, влезе во овој пратенички состав како кандидат на ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Но, во 2018 година, набрзо по донесувањето на одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно со Договорот од Преспа, Минов објави дека ја напушта пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе дејствува како независен пратеник.
Иако неговото заминување од таборот на ВМРО-ДПМНЕ беше поврзано со разрешувањето на актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев од потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Минов, формално, не е дел од независната пратеничка група која во 2018 година беше дел од двотретинското мнозинство за почнување на процедурата за промена на Уставот. Сепак, тој во изминатиот период, во повеќе наврати поддржа законски решенија што беа предложени од владата на СДСМ, а во јануари 2019 година гласаше за прогласување на уставните измени, како последна фаза од овој процес на имплементација на Преспанскиот договор.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во денешната изјава, навести дека е близу до двотретинско мнозинство за донесување на законот за јавно обвинителство, без учество на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи и на неколку сугестии од независните пратеници што, најверојатно, ќе бидат вградени во конечниот предлог-закон. Една од нив е прислушуваните разговори да не може да бидат основа за подигање обвинение.