Според информации на „360 степени“, дел од вработените на УКИМ се подготвуваат да стапат во штрајк доколку барањата не бидат прифатени, но претседателот на Синдикатот вели дека засега нема таква одлука
Група професори и членови на Синдикатот на УКИМ се незадоволни од предложените решенија во Колективниот договор за високо образование, кој треба да биде потпишан меѓу СОНК и Министерството за образование. Бараат поголемо покачување на платите од најавените 10 насто за следната година, а обвинуваат и за дискриминација во однос на другите универзитети. Професорот Иван Анастасовски од Факултетот за физичко образование, кој е и член на Синдикатот на УКИМ, во изјава за „360 степени“ вели дека овој договор нема значајно да го подобри стандардот на универзитетските професори, а тоа е и една од клучните забелешки на членството.
„Основната плата покажува дека државата не нѐ цени. 36 600 денари е основната плата што државата му ја дава на редовен професор. И сега, според некои пресметки, би дошла околу 37 700 по првото покачување, во септември 2021 г. и во 2022 г. уште едно покачување за уште 10 отсто од основицата. Но, ги заборавивме десетте проценти што не ни беа исплатени лани и плус на универзитетите не им се дадоа двапати по 5 отсто. Сега, фактички, ова е враќање на тие пари“,
вели Анастасовски.
Забелешките биле разгледани на денешната седница на Синдикатот на УКИМ, на која, како што соопштија оттаму, било изразено големо незадоволство од решенијата во Колективниот договор.
„Најавеното покачување на платите, кое е предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК, не го вреднува реално трудот на вработените во високото образование и ни оддалеку нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование; со овој Колективен договор вработените во најстариот и најголем универзитет во државата остануваат и понатаму дискриминирани во однос на платите на вработените во другите државни универзитети; коефициентите за плата на наставниот и ненаставниот кадар во другите дејности од јавен интерес се повисоки од коефициентите за плата предвидени во овој Колективен договор“,
се наведува во соопштението од Сојузот на синдикати на УКИМ.
Оттаму додаваат и дека, според нив, СОНК не е репрезентативен синдикат, бидејќи членството во најголем дел било од вработени во основното и средното образование.
„Го повикуваме Собранието, како основач на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, што побргу да донесе одлука и да ја овласти Владата да потпише Колективен договор на ниво на работодавец – УКИМ, кој реално ги изразува барањата и интересите на вработените на Универзитетот. Само на тој начин науката повторно ќе го врати своето достоинствено место во општеството, а вработените во високообразовните институции ќе можат непречено да ја вршат својата образовна и научноистражувачка работа во интерес на студентите и на иднината на државата“,
додаваат од Синдикатот на УКИМ.
Според информации на „360 степени“, дел од вработените се подготвуваат да стапат во штрајк доколку барањата не бидат прифатени, но претседателот на Синдикатот, професорот Ангел Ристов, вели дека засега немаат таква одлука.
„Чекаме одговор од Собранието, а потоа ќе одлучиме што ќе правиме понатаму“,
вели Ристов.
Наспроти негодувањето на Синдикатот на УКИМ, од СОНК тврдат дека е голем успех тоа што по неколку децении успеале да издејствуваат потпишување на Колективен договор во високото образование. Јавната расправа завршила во петокот и следните денови ќе бидат разгледани забелешките на членството, кои најмногу биле од техничка природа, велат од СОНК.
„Бидејќи во Законот за високо образование и во Законот за научно-истражувачка дејност не беше регулирана платата, многу важно беше да се регулира со Колективниот договор. Ќе се регулира и додатокот за минат труд. Отсега државата ќе пушта 0,5 % годишно, независно од додатокот што го исплаќаат некои факултети кои имаат сопствени приходи. Шпекулации се информациите дека наводно ќе се намалела платата“,
оценува претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Поддршка за Колективниот договор изразуваат и од Независниот академски синдикат, од каде што велат дека учествувале во подготовката и успеале да обезбедат исполнување на дел од барањата за покачување на платите и за пресметка на коефициентот за минат труд. Колективниот договор ќе важи во следните две години, потенцира професорката Елена Џукеска, претседателка на НАКС. Според неа, значајно е што по дури 30 години се потпишува ваков договор.
„Добиваме поголема синдикална заштита за работниците и начинот на кој се пресметува основицата сега станува транспарентен, нема да има повеќе нејаснотии што е она што го исплаќа МОН, а што е она што го исплаќаат факултетите. Секако дека бараме поголемо покачување на платите, но имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата, договореното покачувањето на платите од 20 отсто за две години е добра основа за понатаму“,
вели Џукеска.
Колективниот договор во високото образование се очекува да биде потпишан до крајот на неделава откако ќе бидат разгледани забелешките од јавната расправа.
Минатата недела од Владата соопштија дека донеле одлука МОН да потпише Колективен договор за високо образование со кој се уредува системот на плати, се утврдува основната бруто-плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование, како и дополнително зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во септември 2021 година и во септември 2022 година. Како што соопштија премиерот Зоран Заев и министерката Мила Царовска, со овој Колективен договор ќе се регулира и уредувањето на исплатата за минат труд, кој во изминатиот десетгодишен период или не се исплаќал или се исплаќал со големи тешкотии од страна на високообразовните установи.