Во реакцијата се споменува и дека во наредниот период се очекува засилена политичка активност и кампања против СДСМ, во која, според нивните тврдења, учествуваат и други политички субјекти
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска упати обвинувања кон Левица оценувајќи дека партијата дејствува како политички сателит на ВМРО-ДПМНЕ и учествува во координирана кампања против нив.

Во соопштението од СДСМ се тврди дека Левица е партија која фиктивно ја игра улогата на опозиција, но во практика нема реално влијание како политичка алтернатива.
„Уште еден сателит во одбрана на криминална група ВМРО во момент кога Мицкоски повеќе не може да одговори на граѓаните на ниту едно прашање! Левица е партија која е создадена и финансирана од ВМРО. Партија која фиктивно треба да глуми сериозна опозиција на власта, а всушност е осудена засекогаш да биде опозиција“,
велат од опозициската партија.
Од СДСМ посочија и дека Левица се залага против членството во НАТО и Европската Унија, и покрај тоа што земјата е членка на НАТО и кандидат за ЕУ, оценувајќи дека ваквите позиции не се усогласени со мнозинското јавно мислење за евроатлантските интеграции.
„Партија која е против НАТО во земја членка на НАТО, во која 72 отсто од граѓаните го поддржуваат НАТО. Партија која е против ЕУ во земја кандидат за ЕУ, во која 77 отсто од граѓаните ги поддржуваат европските интеграции. Партија која е проруски ориентирана во земја во која САД се стратешки партнер. Со еден збор, партија за ништо!“,
пишува во партиското соопштение.
Оттаму го споменуваат рокот што бил најавен од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за реформски процеси, тврдејќи дека очекуваните резултати не се реализираат.
„Се ближи јуни. Остануваат уште 24 дена до рокот кој самиот си го постави Мицкоски за исполнување на реформските услови. Од тоа нема ништо“,
истакнуваат од опозицијата.
Во реакцијата се споменува и дека во наредниот период се очекува засилена политичка активност и кампања против СДСМ, во која, според нивните тврдења, учествуваат и други политички субјекти.
„Затоа вештачки се подгрева конфликт со Бугарија, а преку своите сателити Левица и ЗНАМ започнуваат црна кампања против СДСМ“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата порачуваат дека ќе продолжат со политичко дејствување и дека ќе има одговорност за сите учесници во негативни политички кампањи.
