Осврнувајќи се на препораката на ДКСК за примена на членот 8-а став 1 алинеја 3 од ИЗ, според кој раководството на Младинскиот културен центар не им ги продолжи договорите на хонорарците, од Синдикатот на МКЦ велат дека според оваа одредба, во изборниот период не може да се исплаќаат плати, пензии, социјална помош или други исплати од Буџетот кои не се редовни месечни исплати, но дека МКЦ како финансиски самоодржлива институција може да ги исплаќа хонорарите од сопствените приходи
Откако на 30-ина хонорарци во Младинскиот културен центар (МКЦ) не им беа продолжени договорите, со образложение дека тоа доаѓа на препорака на Антикорупциската комисија и оти така налагаат законските прописи во предизборието, од Синдикатот на МКЦ велат оти при носењето на оваа одлука не биле земени предвид одредени законски одредби кои би довеле до сосем друг исход во конкретната ситуација.

Осврнувајќи се на препораката на ДКСК за примена на членот 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, според кој раководството на Младинскиот културен центар не им ги продолжи договорите на хонорарците, од Синдикатот на МКЦ велат дека според оваа одредба, во предизборниот и изборниот период не може да се исплаќаат плати, пензии, социјална помош или други исплати од Буџетот кои не се редовни месечни исплати, но дека МКЦ како финансиски самоодржлива институција може да ги исплаќа хонорарите од сопствените приходи.
Синдикатот ова го порачува во дописот до ДКСК, Град Скопје и Советот на Градот, Министерството за култура, како и до директорот и Управниот одбор на МКЦ, во кој се бара да се изнајде решение за хонорарно ангажираните лица за, како што велат, повторно да се врати нормалното функционирање на МКЦ.
„Согласно Законот за буџетите, буџетот на единките корисници се состои од основен буџет, буџет на донации, буџет на заеми и буџет на самофинансирачки активности. Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, признавањето на приходите и другите приливи, расходите и другите одливи содржани во главната книга на буџетите и на буџетските корисници се спроведува според сметководствено начело на парично искажување. Согласно член 18 став 4 од посочениот закон, приходи од член 18 став 1 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се наплатените приходи остварени по видови извори согласно со Законот за буџетите и Правилникот за класификација на приходите, како и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи), приходи од кирии и закупнини, приходи од донации, приходи од кредити и позајмици и неданочни приходи“,
велат од Синдикатот на МКЦ.
Посочуваат дека од овие законски одредби јасна е разликата меѓу буџетските и средствата од сопствени приходи со кои, како што велат, институцијата може да располага за остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори.
„Од сето изнесено, јасно е дека со забраната за располагање со буџетски средства не е и не може да биде опфатено располагањето со сопствените приходи, вклучувајќи ги и исплатите од сопствени средства по договорите за дело за лица кои континуирано помагаат за вршење на сопствените активности на МКЦ од многу поодамна. Оттука, сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход” ,
стои во барањето на Синдикатот на МКЦ доставено до ДКСК, Градот Скопје, Министерството за култура, Советот на Град Скопје, директорот и Управниот одбор на МКЦ.
Во барањето, како што додаваат од Синдикатот, стои и фактот дека забрана за располагање на буџетски средства за време на изборниот процес е укината со одлука на Уставниот суд на 17.05.2017 година, каде, меѓу другото, Судот вели дека законодавецот во ниту еден закон го нема дефинирано поимот „располагање со буџетски средства”. Дополнително велат оти законска дефиниција на оваа формулација нема ниту во Законот за буџетите, во законите за извршување на буџетите што се донесуваат секоја година, ниту, пак, во други закони од финансиската област.
Реакцијата на Синдикатот на МКЦ следува откако пред неколку дена не беа продолжени договорите на 30-ина хонорарно вработени во Младинскиот културен центар. Објаснувајќи го овој потег, раководството на МКЦ информира дека не се работи за своеволна одлука, туку за придржување до законските прописи во предизборието, а дека по завршувањето на изборите, хонорарците кои се неопходни за работата на МКЦ повторно ќе бидат вратени на работа.
