Владата покажа дека воопшто не ги почитува вработените во МВР, обвинуват од Независниот синдикат на полицијата и бараат да се донесе одлука за паричен надоместок за полицајците, кои велат, се во први редови во борбата со ковид-19.
„Бараме вчерашната одлука на Владата да се преиспита и сумата од 15 000 денари да им биде исплатена на полициските службеници како морална сатисфакција за својот труд, кој секојдневно го вложуваат на терен. Веруваме дека грешката е ненамерно направена и дека ќе биде исправена“,
порача претставникот на полицскиот синдикат Дејан Саздов.
Од Синдикатот прстот го вперија и во техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој како што тврдат, додека бил министер залудно ветувал дека ќе им бидат исполнети други барања како за нови униформи за полицајците.
„Сметаме дека барем останало малку траг од времето кога бевте прв човек во МВР и веруваме дека знаете кои се ризиците со кои секојдневно изминатиот период се справуваат полицајците. Од вас произлезе паролата „Задоволна полиција, безбедни граѓани“, секако граѓаните се безбедни, но дали имаме задоволна полиција? Време е да се запрашаме. Додека бевте министер велевте дека сте задоволен од работењето на полицијата. Од вашата одлука зависи дали ќе се донесе или одбие понудениот додоток. Затоа на следната седница исправете ја вчерашната неправда и доделете го тој симболичен и така премногу мал додаток од 15 000 денари за досегашното работење на полицијата. Вие сте на потег“,
порача Саздов.
Предогот за паричен надомест од 15 000 денари го достави техничкиот министер Чулев, а Спасовски го оцени како „гол популизам“.
Спасовски тврди дека Чулев на седницата за ребаланс на буџетот не предложил парични бонуси, туку предложил кратење на буџетот на МВР. Чулев пак, го обвини Спасовски дека не се грижи за вработените во полицијата и дека кратењето на буџетот било на предлог на Министерството за финансии.
