Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка, порача Сиљановска-Давкова
Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде, порачува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Во честитката до МПЦ и православните верници, претседателката упатува пораки за добро здравје, љубов, радост и среќа.
„За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка,“
вели Сиљановска-Давкова.
По повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, Сиљановска-Давкова упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква.
„Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани“,
се наведува во честитката до Католичката црква.
Пораки за мир, хуманост и благородност, Сиљановска-Давкова упати и до припадниците на Евангелско-методистичката црква.
„Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции“,
порача Сиљановска-Давкова.