Во оваа насока, како што соопштија од нејзиниот кабинет, претседателката истакнала дека ќе се залага за широк општествен консензус за прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, на вториот ден од преземањето на функцијата, се состана со италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри. Покрај упатените честитки и желбите за успешно извршување на претседателската функција што ги упатил италијанскиот амбасадор, двајцата разговарале за натамошните чекори во однос на интеграцијата на земјава во Европската Унија (ЕУ).

Во оваа насока, како што соопштија од нејзиниот кабинет, Сиљановска-Давкова истакнала дека ќе се залага за широк општествен консензус за прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ.

Претседателката изразила благодарност за досегашната улога и пристап на Италија во поддршката на регионот во процесот на евроинтеграциите и укажала и на позитивниот однос на официјален Рим при надминување на споровите со своите соседи при приемот на нови членки во Унијата.
„Сиљановска Давкова изразила надеж дека Италијанската Република и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми со цел забрзана интеграција на земјава во ЕУ, што, како што нагласила, претставува заеднички интерес за поширокиот регион“,
се наведува во соопштението испратено од претседателскиот кабинет.
На средбата со Силвестри биле нагласени и пријателските односи на двете земји, како и изразена подготвеност за унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на билатерални односи со Италија.