Клучно во плановите на локалните власти е да се поттикне населението на вакцинација, со тоа што вакцинираните ќе имаат поголема слобода од невакцинираните во однос на присуство на спортски настани и поголеми собири
Австралиските власти денеска ги објавија плановите за постепено укинување на мерките против коронавирус во Сиднеј. Со новите правила, на граѓаните вакцинирани против ковид-19 ќе им се дадат неколку недели повеќе слобода отколку на невакцинираните.
Стапката на вакцинација се очекува да биде 70 до 90 проценти до 1 декември во Нов Јужен Велс, каде што се наоѓа Сиднеј, така што некои ограничувања постепено ќе бидат укинати од 11 октомври.
Сепак, на луѓето што не се целосно вакцинирани нема да им биде дозволено да присуствуваат и учествуваат во спортски настани и активности, собири и шопинг.
„Многу е важно да се напомене дека, за разлика од повеќето случаи во светот, ако не сте вакцинирани, ќе треба да почекате најмалку четири или пет недели за да можете да учествувате во нешта во кои можеме да учествуваме ние“,
рече премиерот на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан.
„Пораката е дека ако сакате да ручате со пријателите и да ги поканите луѓе во вашиот дом, мора да се вакцинирате“,
рече таа.
Сиднеј, Мелбурн и Канер се под блокада веќе неколку недели, под строги мерки против пандемијата.
Сиднеј има регистрирано околу 100 000 случаи на коронавирус од средината на јуни, што е околу 65 проценти од случаите во целата земја.
Во Нов Јужен Велс, околу 60 проценти од луѓето постари од 16 години се целосно вакцинирани, а од 11 октомври рестораните, пабовите, спортските сали и другите затворени простории ќе продолжат со работа, но со ограничен капацитет.
Сиднеј е во карантин од крајот на јуни, откако беше регистриран првиот случај на инфекција со многу заразен вид делта.
Карантинот во Сиднеј требаше да заврши на 28 август, но Владата објави дека ќе го продолжи до 30 септември.
Од крајот на август беше воведен полициски час од 21 часот до 5 часот наутро, а се однесуваше и за предградијата на Сиднеј, каде што има најмногу заразени лица. Задолжителни беа и маските на отворено.