Весникот „Катимерини“ во денешното печатено издание објави коментар во кој се упатуваат критики до Нотис Митаракис дека додека земјата се соочува со големи пожари и сериозна криза, министерот за заштита на граѓаните вчера заминал на одмор
Министерот за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата, Нотис Митаракис, денеска си поднесе оставка од лични причини која била прифатена од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Весникот „Катимерини“ во денешното печатено издание објави коментар во кој се упатуваат критики до Митаракис дека, додека земјата се соочува со големи пожари и сериозна криза, министерот за заштита на граѓаните вчера заминал на одмор на островот од кој потекнува.
Како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, на местото на Митаракис доаѓа досегашниот алтернативен министер за образование, религија и спорт, надлежен за спорт и поранешен владин портпарол, Јанис Иконому.
На местото на Иконому, пак, поставен е Јанис Вруцис кој во минатото беше и министер за труд и социјални прашања.
Митаракис, кој денеска си поднесе оставка, во конкретното министерство беше само еден месец со оглед на тоа што новата грчка влада положи свечена заклетва на 27 јуни.
Во претходната влада на Нова демократија, Митаракис беше министер за миграција и азил.
Инаку, шумските пожари во Грција од денеска се со намален интензитет, јавува Ројтерс. Горат речиси две недели, а службите за итни случаи работеа на спречување нови жаришта во централниот дел на земјата, каде што луѓето избегаа од огромните експлозии во складиште за муниција ден претходно.
Во пожарите, разгорени од високите температури и силните ветрови, од 17 јули досега загинаа пет лица, уништени се домови, фарми и фабрики, а изгоре голема шумска површина.