Денеска спикерот повторно ме предложи да бидам премиерка. Гласањето ќе биде в понеделник, објави Андерсон на Фејсбук
Откако вчера во ист ден беше избрана за премиерка и за неколку часа поднесе оставка, Магдалена Андерсон денеска објави дека повторно ќе се обиде да формира влада.
„Го информирав претседателот на парламентот дека сум подготвена да ја водам Шведска и да формирам социјалдемократска влада. Денеска спикерот повторно ме предложи да бидам премиерка. Гласањето ќе биде в понеделник.
Партијата на центарот, Левицата и Партијата за животна средина најавија дека ќе ме поддржат. Возбудена сум што почнувам со работа бидејќи знам дека Шведска може подобро. Нашата земја е одлична, но имаме и сериозни социјални проблеми со кои треба да се справиме“,објави Андерсон на својот фејсбук-профил.
Таа понатаму објаснува дека ако успее да формира влада ќе се фокусира на три главни области: разбивање на сегрегацијата, да се намалат емисиите на штетни гасови во Шведска, но пред сѐ, да се создадат идни работни места низ целата земја и трето, враќање на контролата врз благосостојбата за сите вработени да ги имаат потребните услови да си ја вршат работата – почит кон секој што работи и учествува во градењето на државата, преку социјално осигурување и пензии.
Андерсон, која беше министерка за финансии, вчера беше избрана како прва жена на чело на владата.
По само неколку часа, стигна веста дека поднела оставка на премиерската функција откако нејзиниот коалициски партнер од Зелените ја напушти владата.