Шведска заедно со Финска побараа влез во Алијансата откако Русија почна војна во Украина. Досега 28 земји ги одобрија пристапните протоколи за нивно пристапување во НАТО и преостанува тоа да го направат уште Турција и Унгарија
Време е Шведска да стане членка на НАТО затоа што направи сè што беше неопходно за Турција да го одобри нејзиното пристапување, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Дојде време процесот за ратификација на пристапниот протокол за Шведска да се приведе кон крајот. Уверен сум дека Шведска ќе стане членка на НАТО. Не сакам да кажувам прецизни датуми кога тоа ќе се случи. Процесот на пристапување на Шведска досега беше необичен и брз, вообичаено за тоа беа потребни неколку години“,
вели Столтенберг во интервју за шведскиот весник „Афтонбладет“.
Шведска поднесе барање за членство во НАТО заедно со соседната Финска во мај минатата година откако двете земји решија да ја напуштат политиката на воена неутралност по војната што Русија ја започна во Украина на 24 февруари 2022 година.
За влез во Алијансата потребно е да се согласат сите 30 земји-членки. Досега пристапните протоколи за нив добија зелено светло од парламентите на 28 земји, вклучително и Северна Македонија.
Единствено тоа не го направија Турција и Унгарија.
Турција бараше двете земји да ги екстрадираат припадниците на групите што турските власти ги сметаат за терористички организации.
Минатиот месец, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, рече дека Шведска „не е ни до половина“ во исполнувањето на обврските кои ги презеде за возврат да добие поддршка од Анкара за влез во НАТО. Неговата изјава дојде откако претходно шведскиот суд одби екстрадиција на новинар кој Турција го бара поради наводна поврзаност со неуспешниот државен удар во 2016 година.
Премиерот на Шведска, Улф Кристорсон, пак, вчера на конференција за одбрана и безбедност, на која присуствуваше и Столтенберг, изјави дека Турција има барања кои неговата држава не може и не сака да ги исполни.