Многу европски земји ги критикуваат владините мерки за борба против коронавирусот. Под особен притисок е швајцарската влада
Властите во Швајцарија се обидоа со подароци, со бесплатни концерти, со прогласување „национална недела на вакцинација“, но не успеаја да натераат повеќе од 65 отсто од населението да се вакцинира, иако беа потрошени дури 96 милиони франци, пишва Дојче веле.
Како и во земјите од ЕУ, темата за коронавирусот никогаш не исчезна од дневната политика, но деновиве повторно доминира во политичките дебати. Од средината на октомври во оваа земја расте и бројот на заразени.
Второ гласање за два месеци
И токму на почетокот на уште еден бран на коронавирус, политиката може да го изгуби централниот инструмент за борба против пандемијата – сертификатот за ковид.
Утре, Швајцарците ќе гласаат за Законот за ковид по втор пат за помалку од два месеци. Законот ја регулира не само финансиската помош за културните и угостителските објекти, туку и користењето на сертификати за ковид според истата шема како во Европската унија, а се компатибилни и со апликациите на ЕУ. Без овој закон, таканареченото 3Г правило (вакцинирани, прележани и тестирани) повеќе не би можело да се применува во угостителските објекти и на културните настани.
Сегашните анкети покажуваат дека граѓаните и на овој референдум нема да гласаат против законот, но противниците се доста успешни во кампањата против мерките за борба против пандемијата. Здружението „Пријатели на Уставот“, за време на пандемијата, собра речиси 190 000 потписи за референдумот.
Народната партија е против
„Референдумот е повод да се покаже недоверба кон политичката елита. Таа недоверба треба да се организира. И за тоа има партија, која добро го прави од 1990 година. Се работи за Швајцарската народна партија“,
вели швајцарскиот политиколог Марк Билман од Универзитетот во Берн.
Иако национално-конзервативната Швајцарска народна партија (СВП) е дел од Владата со министерот за финансии Ули Маурер, таа го отфрла сертификатот.
А за да можат Швајцарците да патуваат во странство без апликација, еден политичар на СВП неделава на телевизија предложи да се склучат билатерални договори со партнерите од ЕУ. Тоа би бил процес кој може да трае со месеци. И додека не се склучат договорите, слободата на движење може да биде многу тешка за Швајцарците.
„Урбаното население е почувствително и повеќе им верува на владините мерки отколку населението во руралните кантони, односно најмногу во кантоните од германско говорно подрачје. Тие традиционално имаат поголема недоверба кон државата“,
вели Билман.
Посебно внимание привлекуваат жителите на таканаречените автохтони швајцарски кантони, кои организираат протести против политиката за борба против пандемијата.
Историска недоверба кон вакцините
Додека кампањите се менуваа со текот на времето и денес главно се спроведуваат онлајн, противењето доаѓа од руралните делови на земјата. Билман го споменува и гласањето за вакцинација против туберкулоза во 19 век, во кое малите кантони во внатрешноста на Швајцарија беа критични настроени.
Професорот од Берн оваа дебата ја гледа како потврда за силата на директната демократија.
„Не сакам да зборувам за поделба на општеството, иако медиумите обожаваат да прикажат таква слика. Подготвеноста за дијалог во Швајцарија се уште е на многу високо ниво. Во директна демократија човек учи дека може да има поинакво мислење, но дека има и да размени мислења“,
рече тој.
Нема план Б
Кога на народот му се ветува референдум, ситуацијата во Швајцарија често многу брзо се смирува.
Ако владата загуби, може да го задржи законот до пролет – има преодни периоди – но политичката динамика може да го отежне неговото спроведување. Останува отворено какво решение ќе најде Бундесратот. Но, не би било првпат Берн да најде креативно решение. Дотогаш важи тврдењето од Владата дека нема план Б.