Комуналната полиција се најде и во Програмата на Владата за периодот 2020-2024 година во делот на животната средина. Според предвиденото, комуналната полиција требаше да биде воведена во 2021 година, но досега овој проект не се реализира
Се размислува за воведување комунална полиција која ќе го казнува редовното фрлање отпадоци од страна на граѓаните, иако е потребно поголема јавна свест отколку казнување, изјави денеска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова одговарајќи на новинарско прашање за подолгорочно решение со справување на несовесноста на граѓаните кои постојано фрлаат отпад.
„Контрола има постојано. Јас мислам дека не е проблемот казнувањето. Кога одиме во земјите на ЕУ, кога ќе помине нашата граница, за жал, поинаку се однесуваме. Мислам дека како што се однесуваме во тие земји треба да се однесуваме и дома. Не е прашањето дали треба да се казнуваме. Треба да ја подигнеме малку јавната свест, дека фрлајќи го отпадот ние си правиме штета самите на себе, бидејќи ние тука живееме, ние тука опстојуваме, тука ќе живеат и нашите деца. Планираме една активност, како една нова мерка, да речеме, зборуваме подолго време да се воведе комунална полиција во државата. Таа ќе може на лице место да изрекува казна исто како што сообраќаен полицаец може да изрече казна за сообраќаен прекршок на лице место“,
изјави министерката од тетовското село Туденце по теренска посета каде што почнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на река Вардар.
Таа потенцира дека не е проблемот дали државата и локалните власти ќе интервенираат и ќе чистат, туку дека е потребно чистото така да остане. Особено тоа важи за местата како националните паркови, за каде што е воспоставена пракса да се чистат депониите, но повторно се формираат, нагласи Шукова.
„Јас апелирам постојано, да почнеме, особено кај речните текови, да не се фрла отпад, да не се фрла градежен шут бидејќи еве и кај каналите потоа имаме проблем со одводнувањето, потоа имаме проблем со поплавите, бидејќи водите нема каде да се движат. Да бидеме малку поодговорни“,
рече министерката за животна средина .
Таа посочи дека долги години работи во Министерството и знае со колку пари државата со години наназад ги финансира локалните самоуправи за чистење на многу локации каде што имало диви депонии.
„Праксата покажува дека за неколку месеци тие локации повторно се полнат со отпад. Тоа е народно кажано фрлање на пари. Ако не се научиме дека таму каде што ќе исчистиме не треба повторно да фрламе отпад, ефектот на чистењето на дивите депонии е минимален“,
подвлече Шукова.
Комуналната полиција се најде и во Програмата на Владата за периодот 2020-2024 година во делот на животната средина. Според предвиденото, комуналната полиција требаше да биде воведена во 2021 година, но досега овој проект не се реализира.
„Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021“,
стои во владината програма.