Ваквите компании, во кои вчера гореа бои и лакови не потпаѓаат во системот на А и Б интегрирани дозволи, но потпаѓаат на контрола врз основа на доставен елаборат, за којшто треба да даде согласност општината. Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина, вели министерката Шукова

Евидентно загадување на воздухот ќе има по пожарот во магацинот на фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише, но тоа за жал не може да се измери, бидејќи станува збор за органска материја, вели министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
„Автоматскиот мониторинг-систем на државата мери неоргански испарливи материјали и не мери органски испарливи материи“,
рече Шукова одговарајќи зошто по пожарот не се изврши мерење на загаденоста на воздухот.
Таа додаде дека во земјава во моментов и нема акредитирана метода што може да мери испарување на органски загадувачи во воздухот и оти во текот на вчерашниот ден се консултирани сите лаборатории, меѓу кои и приватните.
„На терен излегоа Центарот за управување со кризи, Институтот за јавно здравје и Државниот инспекторат за животна средина, иако во рамките на надлежностите на животна средина, овој случај не е во наша надлежност, ниту во надлежност на инспекторатот, меѓутоа секако заради здравјето на граѓаните излегоа да направат увид и да видат дали некако можат поконкретно да помогнат“,
рече Шукова.
Таа додаде дека треба да се прави разлика меѓу тоа што е надлежност на локално, а што на државно ниво.
„Ваквите компании, во кои вчера гореа бои и лакови не потпаѓаат во системот на А и Б интегрирани дозволи, но потпаѓаат на контрола врз основа на доставен елаборат, за којшто треба да даде согласност општината. Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган, нема тоа да го проверуваме, меѓутоа мислам дека општината треба да провери“,
додаде таа.
Затоа, вели таа, постојано посочуваме кога се отвораат какви било, дали се тоа магацини, дали се тоа помали објекти каде што се работи со вакви материи, мора да се почитува законската регулатива, во делот на животната средина.

Во моментов, како што рече Шукова, се чекаат резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје за водите и почвите во овој реон.
„Во текот на вчерашниот ден институциите во земјава токму заради ова дадоа и препораки граѓаните да не излегуваат од своите домови, вратите и прозорците од нивните објекти да бидат затворени, бидејќи влијанието нема да биде само во близина на складот, туку и на неколку стотици метри од него. Надлежните институции она што можат да го направат и да го евидентираат, секако ќе ја информираат јавноста“,
вели Шукова.
Прашана зошто во земјава нема акредитирана метода за мерење на органски испраливи материи, Шукова рече дека со директивите е предвидено да се мерат 2,5, потоа 10,5 ПМ-честички потоа CO, CO2, кои воедно и во светот не се мерат.
„Ова се инцидентни ситуации и сите инсталации треба да имаат противпожарни мерки за да може побрзо да се локализира“,
додаде таа.
Министерката Шукова истакна дека она што го видела по видеоматеријалите од пожарот ќе има загадување на воздухот, како и на водите и почвата бидејќи, вели, тие честички секако ќе се спуштат на површината.
„Треба граѓаните да внимаваат, ако таму има земјоделски култури, тоа секако не треба да биде употребливо“,
вели Шукова.
Се почнува нов проект против аерозагадувањето во општините Скопје, Куманово, Битола и Тетово
На прашањето што се презема за аерозагадувањето во другите градови, Шукова рече дека постојано се преземаат мерки против аерозагадувањето, во рамките на оние надлежности што ги има Министерството за животна средина и посочи дека во моментов се почнува и нов проект, со кој се опфаќаат општините Скопје, Куманово, Битола и Тетово, кои се четири позагадени градови.
„Имаме повторно мерки за замена на нееколошки системи за греење, со еколошки системи за затоплување, некаде околу пет и пол милиони евра. Тоа е значителна сума на пари, иако станува збор за четири општини, ќе набавиме и неколку еколошки автобуси за град Скопје, исто во рамките на проектов, мислам дека се пет или шест автобуси и ќе одиме повторно со зазеленување на нови зелени површини во овие четири општини“,
рече Шукова.
Таа апелираше и општините во своите буџети за 2024 година да предвидат средства за субвенционирање, особено домаќинствата за замена на грејните тела во еколошки. Исто така, нагласи и дека граѓаните не треба да горат пластики, отпадни масла и паркети и секој ако придонесе по малку, како што вели Шукова, ќе добиеме едно цело.
Министерката за животна средина и просторно планирање Шукова истакна дека во ниту една метропола проблемот со аерозагадувањето не се решил во една или две години, а во земјава сè уште има јавни објекти кои користат нееколошки системи за затоплување.
Прашана за субвенциите кои ги даваат некои скопски општини за огревно дрво, Шукова вели дека ако огревното дрво е одлежано и суво, прави помало загадување, а поголемото загадување го прават влажните дрва.
Што се однесува на мерните станици кои не работат низ градот Скопје, Шукова вели дека се подготвува тендер за набавка на резервни делови за овие станици, за кои многу често се расипуваат деловите.
ЦУК: Опожарени 14 тони бои, лакови и други хемиски препарати
Во магацинот на фабриката за бои и лакови во тетовското село Фалише се опожарени 14 тони бои, лакови и други хемиски препарати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кои информациите ги добиле во разговор со сопственикот на магацинот.
„Поголем дел од магацинот бил железарија, а мал дел за бои, лакови и други хемиски препарати“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Оттаму велат дека слабиот дожд кој врне од вчера, но и ветерот кој дувал во текот на ноќта, помогнале ПМ-честичките во воздухот да дојдат во нормални граници поради што нема потреба од мерки за заштита од дополнително загадување.