Откако законот за употреба на јазиците, на кој има европско знаменце, ќе помине во Собрание, ќе го обврзе и Собранието на промени. Останува обврската за подготвување на сите документи на македонски и на албански јазик, а најголема новина е воведувањето можност и пленарните седници на парламентот да бидат претседавани на албански.
Актуелното законско решение предвидува претседавање на седниците на Собранието исклучиво на македонски јазик. Албанскиот може да се користи за зборување од место или од говорница, како и за претседавање со собраниските комисии. Кога новиот закон ќе го добие неопходното мнозинство, Талат Џафери ќе може и пленарните сесии да ги води на албански.
Унапредување на употребата на албанскиот ќе има и во Владата. Министрите сега на владините седници немаат право да зборуваат на албански јазик. И документите за седниците се само на македонски. Со новите решенија, предвидена е можност за користење и на албанскиот паралелно со македонскиот во севкупното функционирање на владата – усно и писмено.
Албанскиот станува службен и во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции и други правни лица.
Досегашната пракса беше различна и зависеше од тоа дали со некоја институција на централно ниво раководи Македонец или Албанец. Македонска пошта речиси редовно во изминатите години имаше директори Албанци, кои промовираа двојазичност во работата на оваа институција, иако тоа законот експлицитно не го дозволуваше. Новиот закон би требало да стави ред во овој неред.
Не само во пошта, албанскиот паралелно со македонскиот ќе се употребува на централно ниво и, на пример, во Управата за јавни приходи, во Фондот за здравствено осигурување, во Државната комисија за спречување на корупцијата и во други слични институции. Законот налага и интернет-страниците на сите овие институции да бидат достапни на македонски и на албански јазик. Во овој момент и овде владее вистински хаос.
Новина е и тоа што таблите на централите на овие институции во Скопје и нивните подрачни канцеларии во општините во кои има најмалку 20 отсто Албанци, ќе бидат двојазични. Тоа значи дека оваа табла на централата на УЈП во Скопје ќе биде заменета со двојазична. Оваа, пак, табла на локалната канцекарија на УЈП во Чаир, за која во моментов нема правна основа да биде двојазична, со новиот закон, ќе биде легализирана. Притоа, законот нормира:
Член 7
„Називите ќе бидат со иста големи и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.“
Таблите на подрачните канцеларии нема да бидат двојазични само во општините во кои Албанците се најмалку 20 отсто туку:
Член 7
„Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“
Преведено, ова би требало да значи дека оваа табла во Велес ќе биде двојазична.
Велес не е двојазична општина, но кон Велес гравитира соседната општина Чашка, која е двојазична. Тоа, според новите законски решенија, е основа називите на сите подрачни канцеларии на централните институции во Велес, како на пример Централниот регистар, да станат двојазични. Од оваа обврска се исклучени органите на локалната власт во Велес – општината, локалните јавни претпријатија, училиштата итн.
Според истата формула, таблите ќе треба да се сменат и на подрачните канцеларии во Прилеп, со оглед на соседната двојазична општина Долнени.
Новиот закон предвидува и:
Член 16
„На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“
Во оваа одредба нејасно е што треба да се подразбере под терминот „подрачје“ и дали свесно е оставен простор за толкување. Зашто ако е јасно дека таблите на најголем дел од граничните премини кон Албанија и кон Косово ќе бидат двојазични, бидејќи се на територија на двојазични општини, дилема е, на пример, какви ќе бидат натписите на граничниот премин кај Свети Наум, кој е на територија на општина Охрид, а уште повеќе какви ќе бидат називите на двата аеродроми – кај Скопје и кај Охрид.
Ќе се воведат и двојазични униформи на полицијата, пожарникарите и здравствените работници, но не на целата територија на Македонија туку во Скопје и во општините со најмалку 20 отсто Албанци. Ова не ги опфаќа централните полициски сили туку оние што се под директна надлежност на секторите за внатрешни работи и полициските станици во двојазичните општини. Униформите на армијата и банкнотите не се дел од законот и за уставноста на употребата на албанскиот кај нив, ќе се чека мислење од Венецијанската комисија.
Употребата на албанскиот јазик ќе се прошири и во водењето на матичните евиденции во двојазичните општини, кај поштенските марки, уплатниците и бандеролите. Нотар ќе може да издаде акт и на албански паралелно со македонскиот. Истата формула ќе им биде овозможена и на извршителите. Но, една од најголемите новини е можноста граѓанин Албанец да комуницира со подрачните канцеларии на централните институции на целата територија на државава.
На пример, ако Албанец има потреба од комуникација со катастарот во Штип, тој ќе може да и се обрати на оваа институција писмено на албански. Но, тоа не подразбира по автоматизам потреба од вработување преведувач Албанец во штипскиот катастар. Законот предвидува формирање Агенција за примена на јазикот, со седиште во Скопје, која ќе помага со превод токму во вакви случаи. Агенцијата ќе ги лекторира сите акти и ќе треба да се грижи да не се случуваат јазични грешки во јавниот простор.
Во законот е оставен период од една година за сите надлежни институции да ги донесат потребните подзаконски акти. Таблите ќе треба да се променат во рок од шест месеци од стапувањето на сила на законот.
Спроведувањето на законот ќе го следи нова институција – Инспекторат за употреба на јазиците, чија организација и надлежност ќе се утврдува со посебен закон. За институциите што нема да се придржуваат до обврските, предвидени се казни од 4 до 5 илјади евра, како и 30 отсто од таа сума за надлежното службено лице. Со законот, никаде не е исклучена употребата на македонскиот јазик – албанскиот, таму каде што ќе се користи, ќе биде во паралелна употреба со македонскиот.
Предлагачот пресметал дека за примена на новото решение и за основање на двете нови институции во 2018-та година ќе бидат потребни околу 2 милиона евра од државниот буџет. За вработувањата во новите институции, во образложението на законот пишува дека еден дел ќе бидат реализирани по пат на преземање од други институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
Напишете коментар