Најавата на премиерот на Албанија дека од 1 јуни ги отвора „копнените граници со соседите, за сите Албанци, без разлика дали се со пасош од Албанија или од Косово, Северна Македонија или Црна Гора“, предизвика реакција од ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за уште еден шамар за Спасовски и Заев и неуспех на Димитров
Шефот на дипломатијата вели дека разговарале со Тирана и мисли оти нивниот пристап ќе биде инклузивен односно ќе се однесува на сите граѓани од регионот
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека „одлуката на Еди Рама за отворање на границите само за дел од граѓаните кои се со албанско потекло е уште еден шамар за владата на Спасовски и Заев, и огромен неуспех за умислениот прв човек на дипломатијата Димитров“.
„Ова е нов пораз на владата на Заев затоа што одлуката е дискриминаторска и навредлива. За само неколку месеци неспособната владата на Заев влезе во нетрпеливост и создава проблеми со сите соседи. Освен договорот со Грција, се случи блокада на интеграциите од Бугарија, Пендаровски доби врел шамар од Белград поради мешањето во внатрешните работи и преговори помеѓу Приштина и Белград, а еве сега нов пораз и од Албанија“,
пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму прашуваат како реагирала „некадарната дипломатија на Димитров и неспособната влада на Заев, превземаа ли нешто или и овој пат ќе си премолчат за овој нов пораз“.
Рама: Ги отвораме границите за сите Албанци
Во дел од видео-обраќањето објавено на „Фејсбук“, кое „360 степени“ го преведе изворно (од 7:45 до 8:16 на снимката погоре), премиерот на Албанија, Еди Рама, вели:
„Почнувајќи од понеделник, 1 јуни, ние ќе ги отвориме копнените граници со соседите, за сите Албанци, без разлика дали се со пасош од Албанија или од Косово, Северна Македонија или Црна Гора. Ние ќе продолжиме да ве повикуваме без престан сите, без исклучок, за да внимавате. На 1 јуни ќе се отворат границите, но не и плажите“,
вели Еди Рама.
Димитров: Мислиме дека границите ќе се отворат за сите
Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека разговарале со албанските власти во врска со отворањето на границата и мисли дека отворањето ќе биде за сите граѓани.
„Разговаравме со Тирана, во моментов работат на конкретен план во однос на отворањето на границите и од тоа што го слушнавме, мислам дека нивниот пристап ќе биде инклузивен односно ќе се однесува на сите граѓани од регионот“,
изјави Димитров.