Сиже на познатите информации за пожарот во „Пулс“ кој досега однесе 59 животи

Утрово Македонија се разбуди со една од оние вести кои секој посакува да бидат само лош сон. За жал, вистина е – во Кочани, во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а уште 162 се повредени. Засега. Билансот, можно е, да расте. Од повредените, 22 се во критична состојба. Најголем дел од жртвите се млади, од малолетни тинејџери до лица во средината на своите дваесетти години. Мал дел од жртвите се повозрасни.
Кога и како настанал пожарот
Ова прашање е апсолвирано уште од утрово, од сведочењата на преживеаните и очевидците. Пожарот почнал помеѓу 2:30 и 2:40 часот по полноќ.
Се знае и како настанал. Во јавноста се појавија видеа од внатрешноста на објектот и тоа од моментот кога почнува да гори. За време на концертот на групата ДНК, додека бендот изведува една од своите нумери, на сцената се палат пиротехнички средства, т.н. прскалки.
Во еден момент, веројатно од искрите од прскалките, се пали плафонот. На друга снимка се гледаат обиди да се изгаси пожарот со уред кој наликува на противпожарен апарат, а публиката го набљудува дејствието. Некој од бината почнува да алармира – излегувајте надвор. Следните снимки се од надвор – се слушаат пискотници, се гледаат луѓе кои се обидуваат да помогнат што повеќе луѓе да излезат од објектот и луѓе кои излегле и стојат или седат наоколу. Во изјава за медиумите, девојка која се извлекла со полесни повреди, тврдеше дека настанало и стампедо.
Според Министерството за внатрешни работи, плафонот бил од лесно запалив материјал. Така што, ако нема поголеми изненадувања, јасно е од која точка ќе тргне описот на настаните кои доведоа до катастрофата.
Зошто
Се знае како почна и заврши пожарот, но зошто воопшто се создале услови за такво нешто е прашањето кое се чини ќе доминира многу подолго од само денеска.
Наративот на властите што го претстави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски, оди вака. Локалот требало да има, но немал задолжителна лиценца од Министерството за економија за да ја врши дејноста што ја вршел. Тошковски кажа дека лиценцата била „нелегална“, Мицкоски подоцна ја опиша како „фалсификувана“, но со оригинален печат и потпис од тогашните „одговорни лица“, за што било земено мито.

На прашање на „360 степени“, премиерот ја покажа фалсификуваната лиценца и кажа дека е издадена на 13 март 2024 година. Кажа дека под архивскиот број кој стои на лиценцата, во архивата на Економија, има комуникација со странски инвеститор.
Нашиот репортер потоа праша – дали станува збор за лиценца за кабаре, на што премиерот одговори потврдно. Ова е важно затоа што лиценците за кабаре се издаваат со важност од една година и значат можност за работа и по 1 часот по полноќ Па, следуваше констатација што ја потврди и премиерот дека, независно што била нелегална, во моментот на пожарот лиценцата била веќе истечена. А потоа прашање – дали ќе биде резрешен директорот на Државниот пазарен инспекторат затоа што локалот работел со лиценца која била не само фалсификувана, туку и истечена? Премиерот ја отфрли одговорноста на ДПИ и кажа дека инспекторатот не е надлежен 365 дена во годината да врши надзор во објектите. Инаку, сега, после настанот, токму Владата го задолжи Државниот пазарен инспекторат да ги провери сите лиценци во следните три дена.
Но, не е проблем само лиценцата од Економија. „Пулс“ немал и елаборат за противпожарна заштита од Дирекцијата за заштита и спасување. Веројатно затоа еден од приведените е поранешен директор на оваа институција.
Против законот е и тоа што во објекот имало малолетници, иако не требало да има. Дозвола или лиценца е потребна и за приредување на огномет, односно пиротехнички ефекти. Не е до крај јасно, но се чини дека и оваа постапка не била запазена.
Собрано на купче, во „Пулс“ во Кочани не само што не смеело да има пиротехника, не само што не смеело да има малолетни, туку објектот воопшто не смеел да работи. Не само синоќа туку веројатно последниве неколку години. Да ги имал сите документи извадени во регуларна процедура и со редовна контрола, тоа ќе бил објект со посебни противпожарни сектори, со повеќе излези, со утврдена широчина на врати за поголем капацитет за брз излез на гостите, со најмалку два пристапа за возила на противпожарната заштита и друго, како што пишува во законските и подзаконските акти.
Но, засега, се чини нема да има одговорност за тие што се надлежни да вршат надзор и да ги коригираат и казнат ваквите противзаконски појави. Барем не за актуелните раководители.
Кои се осомничените
Засега Министерството за внатрешни таргетира 20-ина лица.
Дел се поранешни функционери и вработени во институциите кои ги издаваат потребните одобренија и лиценци. Нелегалната или фалсификуваната лиценца и се става на товар на поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ. Потоа, раководител во истата институција. Вечерва на разговор е повикан и тогашниот министер Крешник Бектеши. Кога е во прашање Дирекцијата за заштита и спасување, МВР изрази основни за сомение за поранешен директор и уште тројца вработени од таа институција.
Другите се лица инволвирани во организацијата на настанот, обезбедуањето, менаџментот на клубот.
Чиј е клубот
Според „фалсификуваните лиценци”, зад клубот „Пулс“ во Кочани стои правното лице ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани. Таква фирма постои во Централниот регистар и е основана во 2020 година, а нејзин газда тогаш бил извесен Митко Стојанов. Во декември 2023 година фирмата ја презема извесен Александар Карадакоски и е нејзин сопственик до ден денес, барем според податоците во Централниот регистар.
Во кочанската чаршија и на социјалните мрежи се споменуваат други „виновници“. Особено што, на локацијата, клуб функционира подолго отколку што постои правното лице ММММ Кафе ДООЕЛ. Во оваа фаза, сепак, ниту полицијата, ниту обвинителството соопштуваат имиња и нивната улога во кривично-правниот настан.
Што сега
Најважното се чини е да се спасат што е можно повеќе од оние што преживеаја. Според последната изјава на министерот за здравство Арбен Таравари, во странство се пренесени 47 повредени. Бугарија испрати свој авион и возила и зеде неколку пациенти, Турција прати авион и го стори истото. По различни патишта пациенти презедоа и Грција, Србија и Хрватска. Доктори во земјава пратија Србија, Израел, Чешка. Можеби и други земји, кои засега не се обелоденети.

На телата на починатите, пак, по протокол треба да им се изврши аутопсија. Роднините на загинатите во Кочани до вечерва не ги даваа телата на нивните најблиски да се префрлат од тамошната болница во Скопје. Ги бараа телата за да ги закопаат. Државниот обвинител доцна вечерва соопшти дека проблемот е надминат.
Кога е во прашање истрагата, контурите се чинат јасни. Засега, се се движи со брзо темпо. Прашање е само обемот – кој се ќе биде опфатен.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е побаран краткотраен притвор за вкупно 10 лица. Притворот е краткотраен, затоа што се уште не е наредена истрага, туку процесот е во предистрага.
Она што досега го нашло обвинителството, тој го нарече – ерозија на системот. „Пулс“ не само што немал соодветна лиценца, туку работел во објект чија намена е лесна индустрија, а не угостителство. Наброја повеќе прекршени стандарди кои се косат со правилата за ПП заштита, вклучувајќи дека за цел клуб имало само 2 ПП апарати. Па дури и концертот бил „на диво“, немало договор меѓу организаторот и изведувачите.