Од Владата велат дека содржината на оставките, во пишана форма, не се разликува од содржината што министерот и заменик-министерот ја презентираа во јавноста
Четврти ден јавноста нема увид во пишаните оставки што министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани ги доставиле во петокот до премиерот Зоран Заев.
Оставките досега не се препратени до Собранието, каде што, доколку бидат доставени, би требало да бидат објавени на собраниската веб-страница, со што би станале јавни. Исто така, според уставните и деловнички правила, би требало да бидат констатирани во почетокот на првата наредна собраниска седница.
Вчера, „360 степени“ испрати барање до Владата за увид во текстот на оставките на министерот за здравство и неговиот заменик. Оттаму ни одговорија денеска дека содржината на оставките не се разликува од содржината што министерот и заменик-министерот ја презентираа во јавноста.
Во Собранието денеска почна нова седница, чиј дневен ред остана неутврден откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара пауза, очекувајќи за еден час во парламентот да стигнат оставките на првите луѓе на Министерството за здравство. Со тоа, како што велат од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, оставките би требало да бидат констатирани при утврдувањето на дневниот ред, по што не би барале собраниска агендата да биде дополнета со предлог-одлуките за разрешување на Филипче и на Хасани, што се поднесени денеска.
Меѓутоа, речиси извесно е дека двете оставки нема да стигнат денеска во законодавниот дом, со оглед на тоа што премиерот Зоран Заев, кој сѐ уште не се изјаснил дали планира да ги прифати оставките, туку рече дека ќе ги чека резултатите од истрагата, моментно е во Тирана, на средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со лидерите од земјите на Западен Балкан.
Претседателот на парламентот Талат Џафери попладнево ја прекина пленарната седница и најави нејзино продолжение за утре, откако опозицијата, по паузата, соопшти дека нема да учествува во работата на парламентот, поради процедуралните несогласувања со спикерот околу оставките на министерот и заменик-министерот за здравство и предлозите на опозицијата за нивно разрешување. Поради отсуството на опозицијата, во пленарната сала немаше кворум, а Џафери соопшти дека еден пратеник од мнозинството е во изолација, а друг е отсутен поради посериозни здравствени проблеми.
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди. Многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа може да го опишат ниту начин за да се надомести загубата. Како лекар и министер, имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“,
изјави Филипче во петокот, на прес-конференција во Владата.
Претходно Хасани објави на Фејсбук дека од морални причини се повлекува од функцијата и покрај, како што наведе, фактот дека нема ништо со процедурите за формирање на модуларната болница, ниту со организацискиот дел.
Два дена по трагедијата во Тетово, оставки поднесоа и двајца директори од Тетовската болница, ама тие до вчера не беа доставени до Министерството за здравство, односно до министерот Филипче, кој ги именува директорите на јавните здравствени установи.
Според Уставот, секој член на Владата има право да поднесе оставка. Секој функционер, избран од Собранието, има право да ја образложи оставката пред пратениците. Парламентот, без претрес, ја констатира оставката на првата нова седница. Собранискиот Деловник предвидува дека оставка на член на Владата се поднесува до претседателот на Собранието, преку премиерот.
