“Охрид е наше и светско културно наследство. Наша должност и обврска е да го чуваме за идните генерации. Нема поигрување со Охрид и со езерото. Правиме се’ за да го сочуваме статусот на УНЕСКО“
Вака говореше премиерот Зоран Заев пред година ипол, кога со картата УНЕСКО од охриѓани ја бараше довербата за својот градоначалнички кандидат. Денес кога Охрид е под ризик да биде прогласен за загрозено УНЕСКО подрачје, меѓу другото и поради градежната експанзија на крајбрежјето, премиерот како да заборавил на своите заложби. Најсвеж пример е обраќањето кон инвеститорот на хотелот во Лагадин, за чија градба и неговиот СДСМ тврдеше дека е нелегална.
“Премиерот интервенира зашто правото е на Ваша страна, министерот интервенира зашто правото е на Ваша страна. Дури и да постои правно формален аспект во одделението за урбанизам, не може “не бива“! “Не бива“ не може најлесно да биде НЕ! Ќе најдат начин како да биде ДА! Ќе се реши проблемот, ско треба ќе ја земам сега второстепената одлука во мои раце и ќе дојдам тука“, рече Заев на 1 февруари годинава.
Инвеститорот ја застапува тезата дека врз основа на општиот акт донесен од општината во 2015-та година – законски добил дозвола да гради, а мештаните се борат да докажат дека општиот акт е неуставен, а со тоа и дозволата за градба – ништовна. Изјавата на Заев дополнително долеа масло на огнот и ги натера лагадинци да побараат средба со него.
“Сите сме убедени дека премиерот немал доволно информации за да може да даде една таква изјава. Таа изјава всушност го верифицира градежниот криминал кој се одвива моментално во село Лагадин, покрај крајбрежјето со самиот хотел. За жал е така, и затоа ние подготвивме едно писмо до премиерот, и побаравме прием кај него како здружение, а по основ на сето ова што се случи досега“, вели Мирослав Котевски од здружението на граѓани “Стар Лагадин“ – Охрид.
Инвеститорот Никола Толески, пак, изјавата ја толкува како потврда дека тој е во право, а за свој адут ги смета и шесте второстепени одлуки на Министерството за транспорт и врски дека може да гради. Вели дека општиот акт е работа на општината и дека тој ги испочитувал сите закони, за што обезбедил и 23 потребни документи. Единствената забелешка е, вели, дека не почнал со градење во пријавеното време, за што смета дека е пропуст на надлежните.
“Кога веќе бев на последната плоча, од општина Охрид доаѓа решение дека ми се одзема решението за градба. Причина – се наведува се’ дека сум почнал како што треба и сум извадил се’ како што треба, но по барање на државната градежна инспекција према записникот кој беше за претпочеток на градежни активности, тие го третираат како записник за почеток на градежни активности, тие ме стопираат и велат – според член 63 став 1 и 2, да се одземе одобрението за градба. Примедби други немам“, вели Никола Толески, инвеститорот на објектот во Лагадин.
Освен мештаните и инвеститорот, состојбата будно ја следи и невладиниот сектор, каде изјавата на Заев беше жестоко дочекана.
“Идејата е да се воспостави суспензија сега, за да може да се направи соодветен план да се управува со подрачјето. Тоа беше нешто што како Влада пред да дојдат на власт многу јасно го комуницираа и го потенцираа, тоа дури им беше дел и од нивната кампања кога беа во Охрид – како ќе го развиваат Охрид, но за жал наместо да видиме таков терк, ние гледаме тотално обратен, дури и негирање на тоа што беше од нив побарано, а ветија дека кога ќе дојдат на власт ќе го исполнат“, вели Александра Бујароска од еколошкото здружение “Фронт 21/42“.
Неколку дена по Заев, се огласи и в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој на активистите им забележа што не реагирале навреме. Сепак, од Охрид СОС каде членуваат и мештани на Лагадин, кажуваат поинаква приказна.
“Напротив, ние во 2015-та бевме најактивни. Кога јас се обратив до општината да побарам планска документација за Лагадин, што е право на секое физичко лице и индивидуа да добие увид во таква документација, наместо јас или било кој од лагадинци да добие увид во документацијата што е планирано да се прави во Лагадин, јас бев повикана на сослушување и месец дена бев малтретирана да одам по полиции и бев обвинувана за секакви работи – злоупотреба на потписи итн., што побарав документ кој ми следува“, вели Илина Арсова од иницијативата “Охрид СОС“.
Од едната страна е општиот акт кој му дозволува на Толески да гради, од друга е проблематичниот начин на кој тој акт е донесен. Експертите сметаат дека проблемот датира уште од 2013, кога со измените на Законот за урбанистичко и просторно планирање многу урбанистички планови се заменети со несоодветни заменски акти.
“Овде се направени два неверојатно погрешни чекори. Првиот, создавање на потполно неуставна аномија – вадење од правен поредок на населба која има историја на законско и планерско развивање, и вториот чекор е што откако се испразни просторот од планска регулатива, општината го пополни со несоодветен акт. Оттаму е вистинската генеза на овој проблем. Така што, за мене практично е невозможно вистински правично да се разреши доколку се гледа само моменталната состојба или состојбата од пред две години да ја земете како стартна, како ништо да не постоело претходно“, вели Мирослав Грчев, архитект и урбанист.
Засегнатите “војуваат“, експертите советуваат, а УНЕСКО се чини го губи трпението. Во една од 19-те препораки недвосмислено стави до знаење дека е потребно запирање на големите градби во центарот и долж крајбрежјето. Тоа беше повод за собраниската комисија за култура, на надзорна расправа минатиот јули, да донесе 24 заклучоци за заштита на културното и природно богатство.
„Се укажува на Владата да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот регион, сè до донесување на потребните планови“, пишува во заклучокот од комисјата.
Од Комисијата велат дека овие предупредувања не би смееле да се игнорираат, бидејќи извршната власт по дефиниција треба да ги почитува одлуките на Собранието. Кон крајот на минатата година Македонија поднесе и извештај до УНЕСКО за сработеното по препораките. Но, дали Извештајот е одраз на реалната слика?
“Имајќи предвид дека извештајот потенцира дека во самиот регион се разгледувани само 33 барања за некаква урбана трансформација, а од тие 33 за само 8 е дадено зелено светло – е тотална лага, затоа што на секоја седница на советите на трите општини на чија територија се наоѓа охридскиот регион, поминуваат минимум по 50-60 легализации на дивоградби. Лажејќи во тој Извештај, сметам дека само полошо прават за самиот регион кој е на сите нас, и со тоа што ја извитоперуваме сликата не значи дека вистината нема да стигне до УНЕСКО затоа што ние како граѓанска организација и нашите колеги доставуваме засебни извештаи до УНЕСКО во коишто вистински ја презентираме сликата онаква каква што е“, вели Бујароска.
В.д. градоначалникот Константин Георгиески е веќе третиот човек на чело на општината во чии раце се наоѓа врелиот костен Лагадин. До 24-ти овој месец, општината треба да одлучи дали ќе остане на досегашниот став изградбата да биде забранета, или ќе ја уважи одлуката на второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски изградба сепак да има. По еднонеделните неуспешни обиди за интервју, самите дојдовме во просториите на општината. Поради работни обврски градоначалникот не беше тука, но во телефонски разговор ни кажа дека предметот се’ уште е во разгледување и постапка.
Посебна приказна во случајот е Уставниот суд, каде иницијативата на лагадинци за оценка на уставноста на општиот акт стои во фиока веќе две и пол години.
Напишете коментар