Поради моќната арктичка зимска бура, издадени се предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе. Областа што ќе ги почувствува ефектите од зимската бура се протега сè до Флорида и границата меѓу САД и Мексико

Метеоролозите го обвинуваат формирањето на циклонска бомба за големата арктичка бура што ги зафати САД и Канада. Илјадници летови беа откажани откако американските метеоролози вчера предупредија на потенцијално парализирачки временски услови во централните и источните делови на земјата што може да предизвика големи прекини во сообраќајот за време на празничниот период.

„Ова не е како снежен ден кога сте биле дете. Ова е сериозна работа“,
изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Поради моќната арктичка зимска бура, издадени се предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе. Областа што ќе ги почувствува ефектите од зимската бура се протега сè до Флорида и границата меѓу САД и Мексико. Националната метеоролошка служба (NWS) објави дека до крајот на оваа недела во некои делови од земјата можни се температури од -56 Целзиусови степени.
Циклонска бомба
Циклонска бомба или циклон-бомба е термин што се користи за бура што брзо се засилува, при што доаѓа до ненадеен пад на воздушниот притисок – најмалку 24 милибари за 24 часа. Покрај многу ниските, понекогаш екстремни температури, циклонските бомби носат и силни ветрови и бури.
„Овие интензивни бури со себе носат обилни врнежи и многу силни ветрови. Во моментов во САД пристигнува многу студен арктички воздух, а студеното време предизвикува дополнителни компликации. Ненадејната промена на притисокот се должи на интеракцијата со силниот млазен поток“,
изјави за Скај њуз метеорологот Кирсти Мекејб.
Зошто тоа име?
„Тоа е брза струја на воздух високо во атмосферата што ги придвижува површинските системи со низок притисок. Контрастот помеѓу студениот арктички воздух на север и топлиот тропски воздух на југ го зајакна млазниот поток, што пак ја зголемува површината на низок притисок“,
додаде метеорологот.
Метеоролозите го споредија ненадејниот пад на притисокот со експлозија на бомба, користејќи термини како „бомбогенеза“ за да го опишат процесот на формирање на бура. Терминот првенствено се однесува на брзината со која се формира бура, а не на силата на самиот систем на бура.