Министерот Бочварски информира дека двете страни се согласија на зголемување на квотата на дозволи на 1 500 годишно за транспорт на стоки за и од трети земји, како и за изградба на интерконекторот за гас Струмица – Петрич


Зголемување на годишните транспортни дозволи, изградба на интерконекторот за гас Струмица – Петрич, партнерство во изградбата на LNG терминалот во Александрополис…се дел од темите околу кои е постигната согласност на денешниот состанок на Работната група за транспорт, енергетика и локална самоуправа помеѓу владите на Северна Македонија и Република Бугарија.
Македонската делегација на втората средба на работната група, која заседаваше во Софија, ја предводеше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. За утре, пак, е предвидена посета на Скопје на бугарскиот министер за транспорт и комуникации, Николај Сабев, и на министерот за туризам, Христо Проданов, заедно со триесетина тур-оператори, за да се разговара за развој на туризмот меѓу двете земји.
Во рамките на денешниот состанок на Работната група за инфраструктура и патен транспорт, двете страни се согласија на зголемување на квотата на дозволи на 1 500 годишно за транспорт на стоки за и од трети земји. Исто така, како што информира Бочварски, Комисијата направи значителен напредок во преговорите за целосна либерализација на товарниот транспорт.
Во делот на инфраструктурниот развој, двете страни се согласија да се иницира средба со претставници од Европската комисија во насока за финансиска поддршка за доизградба на коридорот Софија – Скопје – Тирана – Драч, кој би придонел за подобро поврзување и забрзан економски развој на регионот.
На работната група присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, каде што, заедно со бугарскиот колега, Гроздан Караджов, разговараа за понатамошната соработка меѓу двете земји во делот на прекуграничната соработка и реализација на проекти финасирани од ИПА 3 компонентата, како и за отворање на граничниот премин Клепало кај Берово.
Во однос на соработката на енергетскиот сектор, каде што присуствуваше директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, беше договорена изработка на физибилити студија за изградба на интерконекторот Струмица – Петрич. Двете страни се согласија за користење на капацитетите на резервоарите за природен гас на Бугарија, како и заедничко партнерството во изградбата на LNG терминалот во Александрополис, Грција, информираат од македонското Министерство за транспорт и врски.