Тројца гласачи од Карпош, двајца од Лозово и еден штипјанец, се шесте лица кои според најновите информации на Државната изборна комисија (ДИК) се пријавиле да гласаат под посебни услови на претстојните парламентарни избори, потврди за „360 степени“ портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.
Рокот за пријавување до општинските изборни комисии за гласање на лицата во домашен карантин или самоизолација истекува на 8 јули на полноќ. Може да се пријават електронски или преку полномошник, со приложување на копија од решението за домашен карантин или самоизолација. Потоа, општинските изборни комисии ги сумираат пријавите и ги доставуваат до ДИК, со што на 9 јули ќе се знае конечната бројка на лица кои ќе гласаат дома поради коронавирусот.
Според податоците на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои на денешната прес-конференција ги соопшти министерот Венко Филипче, околу 5 000 луѓе се на домашно лекување од ковид-19.
Од нив, оние што имаат право на глас и ќе се пријават навреме, гласачкото право ќе го остварат први, в понеделник, на 13 јули. Тој ден дома ќе ги посетат посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите. Тие со скафандри, заштитни маски и средства за дезинфекција ќе појдат во домот на пријавениот гласач за да го оствари своето гласачко право. Заштитната опрема целосно ќе се менува по посетата на секој дом.
Освен посебните избирачки одбори, и гласачите во изолација ќе треба да носат заштитна маска и ракавици. Доколку немаат, ќе ги добијат од избирачкиот одбор. Гласачот треба да ја симне маската на неколку секунди за идентификација и пред и по гласањето задолжително да ги дезинфицира рацете. Во текот на чинот, гласачот држи растојание од заштитениот избирачки одбор.
Гласачите кои по 8 јули евентуално би се заразиле со коронавирусот или ќе добијат решение за самоизолација, нема да може да гласаат.