„Шпанија е лојална членка на Алијансата која ги исполнува своите обврски, но во рамките на меѓународното право…Ние не работиме врз основа на електронска пошта. Работиме со официјални документи и официјални ставови заземени, во овој случај, од владата на Соединетите Американски Држави“, изјави шпанскиот премиер, Педро Санчез, откако се појавија информации за интерен меморандум на Пентагон во кој се предлага суспензија на Шпанија од членството во одбранбениот сојуз поради нејзините критики за војната на САД против Иран
Северноатлантскиот договор со кој основан НАТО не предвидува никаква одредба за суспензија или исклучување на земји членки од одбранбениот сојуз, изјавил за Би-би-си функционер на Северноатланската алијанса, откако се појавија информации за извештај на Пентагон во кој се предлагаат мерки од страна на САД со кои би се казниле сојузниците кои не ја поддржуваат нивната воена кампања врз Иран.

Во извештајот, односно интерен мејл на Пентагон, за кој извести Ројтерс, повикувајќи се на американски функционер, како една од земјите за кои САД би можеле да бараат нејзина суспензија од НАТО била наведена Шпанија, чиј премиер е еден од најгласните критичари на војната што САД и Израел водат со Иран.
„Основачкиот договор на Алијансата не предвидува никаква одредба за суспензија на членството во НАТО или исклучување на земја членка“,
изјавил функционерот на НАТО за Би-би-си.
Од друга страна, портпаролката на Пентагон, Кингсли Вилсон, во изјава за британскиот национален сервис не ги коментира наводите за интерниот извештај, но упатува критики до сојузници на САД велејќи дека и покрај сè што направил Вашингтон за сојузниците во НАТО – „тие не беа тука за нас“.
„Министерството за војна ќе се погрижи претседателот (Доналд Трамп) да има веродостојни опции за се осигури дека нашите сојузници повеќе нема да бидат тигар од хартија и наместо тоа ќе го остварат својот дел. Немаме понатамошни коментари за какви било внатрешни разговори во таа смисла“,
рекла Вилсон.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано ги критикува сојузниците од НАТО за нивната неподготвеност да играат поголема улога откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Иран последователно го блокираше Ормускиот теснец, клучна поморска рута преку која се одвива транспортот на една петтина од светската нафта и нафтени деривати.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, во врска со објавените извештаи за наводниот план на Пентагон, денеска изјави дека неговата земја е лојална членка на НАТО и дека така и ќе остане.
„Шпанија е лојална членка на Алијансата која ги исполнува своите обврски, но во рамките на меѓународното право…Ние не работиме врз основа на електронска пошта. Работиме со официјални документи и официјални ставови заземени, во овој случај, од владата на Соединетите Американски Држави“,
изјави Санчез по неформалниот самит на земјите членки на Европската Унија што се одржа во Кипар.
Инаку, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет денешната прес-конференција ја искористи повторно фа ги нападне европските сојузници затоа што не му помагаат на Вашингтон во војната против Иран.
„Не сметаме на Европа, но ним Ормускиот теснец им е потребен многу повеќе отколку нам и можеби треба да земат брод наместо да зворуваат и да држат отмени прес-конфреренции. Ова е повеќе нивна отколку наша борба. Европа и Аазија имаа корист од нашата заштита со децении, но времето за слободно возење заврши“,
изјави шефот на Пентагон, пренесе Би-би-си.

Инаку, во интерната комуникација на Пентагон се споменува и Велика Британија, која, според наводите би можела да ја изгуби поддршката на САД во спорот со Аргентина за Фолкландските Острови.
Аргентина долго време тврди дека има суверенитет над островите, британска прекуокеанска територија во југозападниот Атлантски Океан. Двете земји водеа војна поради ова прашање, откако аргентинските сили ги нападнаа островите во 1982 година.
Друга опција што се наведува во интерната комуникација е суспендирање на „проблематичните“ земји од важни позиции во рамките на Алијансата, рекол американскиот функционер за Ројтерс, додавајќи дека меморандумот не сугерира оти САД би можеле да се повлечат од алијансата, ниту пак предлага затворање на бази во Европа.
Инаку, Шпанија денеска доби поддршка од Италија и Германија во врска со наводите за нејзина суспензија од НАТО.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони ги повика сојузниците на НАТО да се држат заедно по меморандумот на Пентагон, велејќи дека Алијансата е извор на сила.
„Мора да работиме на зајакнување на европскиот столб на НАТО… кој мора јасно да го надополни американскиот“,
изјави таа за новинарите на самитот на ЕУ во Кипар.
Портпаролот на германската влада изјави дека членството на Шпанија не е доведено во прашање.
„Шпанија е членка на НАТО. И не гледам причина зошто тоа би се променило“,
рече портпаролот за време на редовната прес-конференција во Берлин.
