И покрај исклучително лошата состојба во Шпанија поради коронавирусот, на 17 март преку видеолинк шпанскиот парламент ќе го ратификува Протоколот за членство на нашата земја во НАТО, а уште истиот ден документот ќе биде потпишан од шпанскиот крал, изјави на денешната прес-конференција претседателот на државата Стево Пендаровски. Потоа, како што рече, очекува на 26 март „зелено светло“ од Брисел за датум за преговори со ЕУ.
„За жал, поради коронавирусот, ние не можеме да го организираме настанот со кој сакавме на еден симболичен начин да го покажеме нашето физичко и практично пристапување кон НАТО-алијансата“,
изјави Пендаровски.
Шпанија е последната земја од членките на НАТО, која сè уште не го ратификувала Протоколот. Откако ќе биде изгласан во Сенатот и потпишан од шпанскиот крал, документот ќе биде депониран во Стејт департментот во Вашингтон. Со предавање на ратификацискиот инструмент од Северна Македонија, исто така, во Стејт департментот и формално ќе заврши процедурата, со што Северна Македонија ќе стане 30. членка на Алијансата.
Пендаровски додаде дека координациите во Брисел во однос на добивањето датум за преговори со ЕУ за нашата земја се практично завршени и очекува позитивна одлука.
„На 18 овој месец ќе биде состанокот на ниво на амбасадори на земји членки во ЕУ и на 26 март процесот треба да финишира на највисоко политичко ниво со учество на шефовите на држави и влади на членките на ЕУ. Нашите информации, моите информации добиени по официјални канали, покажуваат дека двете држави Северна Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло на 26, но повторно оставаме тоа да го образложат во детали дел од нашите пријатели и партнери од ЕУ кои од понеделник натаму ќе доаѓаат во Скопје“,
порача Пендаровски.
*Поврзана вест
Шпанскиот сенат првпат на видео-конференција ќе гласа за членството на Северна Македонија во НАТО