Шпанскиот амбасадор во САД, Сантијаго Кабанас, денеска го предаде во Стејт департментот оригиналниот документ за ратификацијата од Шпанија на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.
Фотографија и видео од предавањето објави шпанската амбасада во Вашингон на „Твитер“.
„Добредојдовте во НАТО-семејството @MFA_MKD!#WeAreNATO #RNM“, објавија од амбасадата.
— República de Macedonia del Norte en España (@MKembassySpain) March 19, 2020
Откако во вторникот беше изгласан во Сенатот, истиот ден и кралот на Шпанија Фелипе VI го потпиша ратификациониот инструмент.
Следниот чекор е Стејт департментот да ги извести сите сојузници и седиштето на НАТО дека ратификацијата завршила во сите земји членки, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да испрати писмо до македонските власти за да го депонираат Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во седиштето на Алијансата во Брисел.
Со тоа, земјава и формално ќе стане членка на Алијансата.