Според Бранко Ѓорѓевски, групата Лев Тахор со ништо не покажала дека претставува опасност за околината
За новинарот Николовски, пак, случајот е уште еден од серијата парадокси со кои живее земјава
Шокантни се реакциите на дел од јавноста против припадниците на еврејската група Лев Тахор, порачаа новинарите Бранко Ѓорѓевски и Марјан Николовски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, на прашањето зошто нивниот престој во земјава предизвика вознемиреност и реакции кај локалното население.
„Во нашата македонска историја не сме покажале таква негостопримливост кон група во која се жени и деца. Знаете, сега може да се бараат причините зошто се покажува таква агресивност и нетрпеливост, може да бараме причина во тоа дека се работи за некоја еврејска група, па сето тоа да го ставиме во контекст на случувањата на Блискиот Исток меѓу Израел и Палестина и соседните држави. Може да се бара во тоа дека верските групи не ги следи баш некој добар впечаток со оглед на сите инциденти што се случувале во изминативе години во разни земји. Но, тоа не може да биде причина особено од аспект на тоа што таа група со ништо не покажала дека претставува некаква опасност по својата околна средина“,
вели Ѓорѓевски.

Според него, причините треба да се бараат во чувството на несигурност и загрозеност, кои вели, со децени не следат во земјава.
„Такво чувство не следи од распадот на Југославија кога се поставуваше опасност дали ќе опстанеме како држава, дали крвавата војна ќе се префрли и кај нас, сето тоа беше голем извор на несигурност. И сега пак имаме некое чувство дека дошол некој нешто да ни земе, во контекст со соседите, ни се бара одземање на идентитетот, се поставува прашањето дали се прават некои глобални сценарија со Македонија, дали ќе исчезнеме како народ, сето тоа води полека кон една медицинска терминологија за причините зошто ова ни се случува. Односно, треба да се бара во чувство на несигурност, анксиозност, една ксенофобија кон поинаквите од себе. Тоа не зборува убаво за нас, бидејќи ние ретко кога сме покажувале таква нетрпеливост“,
вели Ѓорѓевски.
Неговиот колега, новинарот Марјан Николовски случајот го оцени како уште еден парадокс во земјава.

„Ние сме држава на парадокси и овој случај не е исклучок. Проблемот е што постојано сме полни со зборови за некаква демократија, толерантност и постојано зборуваме за некаков антифашизам, а носиме фашистичка идеологија и на себе кога зборуваме за тоа. Овој случај го гледам низ призмата на таквите генерални парадокси на ова општество. Особена вина имаат медиумите кои претставија сосема поинаква слика од типот дека луѓето на таа заедница ‘малтене’ јадат деца. Мене не ми е многу познато нивното верување, но од она што успеав да разберам и најдам, е дека не се разликуваат многу од, да речеме, Зилотите во православната црква, веруваат во некои свои догми на еврејската религија кои се тврди и не се разликуваат многу. Опасноста не е во тоа, веројатно непознавањето, незнаењето и стравот од непознатото беше пресудно за овие реакции“,
порача тој.
*Повеќе вести од вечерашното издание на емисијата „360 степени“:
Сотировски: Првичниот порив за реакција за Лев Тахор е нивниот изглед, а не тоа во што веруваат
Сотировски: Реагирав писмено до Синодот на МПЦ за настапот на владиката Агатангел
Богдановски: Москва го следи секој чекор на МПЦ, бидејќи го поврзува со украинското прашање
Николовски: Порфириј му пишал на Стефан, иницира обновување на дијалогот СПЦ-МПЦ