Независната пратеничка во македонското Собрание, Санела Шкријељ, ги повика пратениците да го прифатат францускиот предлог, а нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ кои со свирежи го саботираа и нејзиното излагање на собраниската говорница ги нарече кукавици, ксенофоби и криминалци.
„Антиевропска коалицијо, кукавици, ксенофоби и криминалци, можете да урлате и да свирите колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат на оваа држава, притоа зачувувајќи го македонскиот јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет. Преговори за влез во Европската Унија како Македонци, со чист македонски јазик, не е асимилација. Асимилација е да им ја одземете иднината на илјадници млади, да бидат принудени да вадат пасоши од други држави на ЕУ за да можат да ги користат придобивките на Унијата“,
кажа Шкријељ, чиј говор едвај се слушаше.
Таа смета дека и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во вчерашниот говор пред пратениците, лично ги демантирала и разобличила сите лаги и потврдила дека ќе има почеток на преговори, чист македонски јазик, како и дека билатералните прашања ќе останат надвор од преговорите.
„Јас сум Бошнакиња родена во Македонија, немам друга татковина која ја нарекувам своја држава. Босанскиот е мој мајчин јазик, подеднакво го сметам и македонскиот за мој мајчин јазик и се грижам и го негувам македонскиот правопис и правоговор. Ви порачувам и вас, многу повеќе да се грижите за македонскиот правоговор и правопис, кога толку многу се грижите за заштита на македонскиот јазик. Мои сограѓани, немајте дилеми дека сме заедно со вас и дека ќе обезбедиме европска иднина за сите нас, наспроти плановите за, не знам какви други сојузи на овие криминалци, ксенофоби и кукавици“,
кажа Шкријељ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов, ѝ реплицираше на Шкријељ дека со прифаќање на овој предлог власта ја носи државата во слепа улица и Македонија нема никогаш да стане дел од ЕУ.
„Санела дали ќе прифатиш дека босанскиот јазик е дијалект на српскиот? Јас не можам да прифатам дека македонскиот јазик е дијалект и норма на бугарскиот, затоа ова нема никогаш да помине и затоа со вашиот договор вие не предизвикувате, не носите во слепа улица каде што никогаш нема да станеме дел од ЕУ, тоа е проблемот. Не можете да разберете дека ја втурнувате Македонија во амбис, ја втурнувате во слепа улица од која нема излез“,
рече тој.

Вкупно 42 пратеника се пријавени за збор на 81. седница на Собранието на чиј дневен ред единствена точка е владината информација за францускиот предлог за отпочнување на преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги оставаат колегите од СДСМ мирно да одржат говор од собраниската говорница. Само што ќе почнат говорите на пратениците од владејачкото мнозинство, тие почнуваат да свират со вувузели. Опозицијата е на став дека Собранието непотребно се вмешува, оти Владата ја носи одлуката за прифаќање или не на модифицираниот француски предлог.
Пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Претставниците на владината коалиција до Собранието веќе доставија предлог-заклучоци. Со нив, владата се задолжува во процесот на преговори за членство во ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ.