По верификувањето на мандатите, со 89 гласа „за“, новите пратенички на СДСМ влегоа во собраниската сала и учествуваа во работата на денешната седница
Со мнозинство од 89 гласа „за“, Собранието денеска им ги верификува пратеничките мандати на новите пратенички, Санела Шкриељ и Марија Кочовска.
Санела Шкриељ во парламентот влегува како кандидатка од втората изборна единица, на местото на Славјанка Петровска, која стана министерка за одбрана, а Марија Кочовска доаѓа на местото на Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е министерка за култура.
Во Собранието гласаа вкупно 90 пратеници, од кои 89 гласаа „за“, еден воздржан и ниту еден „против“, а по верификацијата на нивните мандати, новите пратенички влегоа во собраниската сала и учествуваа во работата на денешната седница.
Мандатите на новите пратенички вчера ги потврди Државната изборна комисија (ДИК) на својата 43-та седница.
На денешната седница пратениците ја поддржаа предлог-одлуката за изменување на одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа и дредлог-одлуката за изменување на одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.