Меѓу клучните проекти тој го смести и носењето на новиот ГУП од 2022 година со кој, според него, ќе се исели тешката индустрија надвор од градот и ќе се урбанизира северниот дел на Скопје, со што градежниот фокус ќе се префрли надвор од градот
Шилегов ветува и бесплатен превоз за пензионерите секој ден од неделата, како и за постдипломците и докторандите, за што од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат дека ги копира проектите на неговата противкандидатка Данела Арсовска. Шилегов, пак, на прес-конференција, зборуваше дека БРТ-системот ќе понуди целосно нов јавен и еколошки превоз и тоа според него е вистинско решение и стратегија за јавниот транспорт, а не 250 нови еколошки автобуси кои нема да го сменат начинот на транспорт, со што алудираше на ветувањата на Арсовска

Град без сообраќаен метеж и решавање на проблемот со урбанизмот со носењето на новиот Генерален урбанистички план (ГУП) во 2022 година, ветува актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат на СДСМ за уште мандат, Петре Шилегов, кој на денешната прес-конференција ги сумираше клучните ветувања во пресрет на вториот круг од локалните избори закажан на 31 октомври.
„Прво, Скопје до 2024 ќе биде град без сообраќаен метежи бидејќи ги завршуваме сите стратешки сообраќајни решенија кои 40 години биле запоставени. Со пробивање на булеварот АСНОМ и мостот ’Михајло Апостолски‘, сите кои патуваат од Аеродром до Карпош ќе го заобиколуваат центарот на градот по нова сообраќајна артерија. Со пробивање на тунелите под ’Лимак‘ ја пробиваме другата артерија и сите кои патуваат од Кисела Вода и Драчево односно по јужната страна ќе го заобиколуваат центарот на градот. Со ова, ја отвораме можноста центарот да биде затворен за автомобили и да поминува само БРТ системот кој треба да е готов со 2024. Со комплетирање на овој главен сообраќаен план Скопје ја добива најголемата пешачка зона од сите европски градови и сосема нов лик и начин на живеење“,
вели Шилегов.
Целосно нов јавен транспорт и ГУП кој ќе го тргне градежниот фокус од центарот на градот
Тој го акцентираше токму Бас рапид транзит (БРТ) системот како уште еден од клучните проекти кој ќе понуди еколошки и целосно нов јавен транспорт во главниот град. Со него, нагласи Шилегов, скопјани од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе стигаат за 35 минути, а на секои 3,5 минути ќе има превоз на станиците.
„Ова е вистинско решавање на транспортот во Скопје и стратегија за транспорт, а не ветувањата на за нови автобуси кои нема воопшто да го сменат начинот на јавен транспорт во Скопје“,
рече Шилегов алудирајќи на неговата противкандидатка која за јавниот транспорт ветува нови 250 еколошки автобуси и почести линии.
Меѓу клучните проекти тој го смести и носењето на новиот ГУП од 2022 година со кој, според него, ќе се исели тешката индустрија надвор од градот и ќе се урбанизира северниот дел на Скопје со што градежниот фокус ќе се префрли надвор од градот.
Субвенции за велосипеди и клими за справување со загадувањето
Градоначалникот посочи и дека во изминатите четири години загадувањето на воздухот е намалено од просечни 71 микрограм на кубен метар на 40 и смета дека тоа е резултат на јасната и ефикасна стратегија што ја имал градот.
„Во следните четири години стратегијата која функционираше нема да ја менуваме туку ќе ја унапредиме, но и дополнително ќе ги завршиме стратешките инвестиции во затоплувањето. Во следните 4 години издвојуваме 4 милиони евра за клими инвертери и замена на стари нееколошки печки кои сè уште ги имаме. За само четири години изгасивме 8 000 оџаци токму преку ваквите субвенции и со овие мерки продолжуваме бидејќи дадоа видлив резултат. Ќе субвенционираме 30 000 велосипеди во следните 4 години бидејќи граѓаните ги менуваат навиките и почнуваат да користат еколошки транспорт“,
рече Шилегов.
Тој зборуваше и за социјалните проекти најавувајќи дека пензионерите ќе имаат бесплатен превоз секој ден во неделата, а истото, покрај средношколците и студентите кои веќе имаат, ќе го добијат и постдипломците и докторандите.
„Понатаму на младите сегашни и идни родители им нудиме сериозна финансиска поддршка. До 200 евра годишно заштедуваат семејства со едно дете кое оди во градинка бидејќи ќе го покриеме половина од трошоците за градинката ние од Град Скопје. До 150 годишно заштедува едно семејство со едно дете во основно училиште бидејќи ќе ги покриеме половина од трошоците за оброк. Семејства со две или повеќе деца во гадинка и училиште ќе имаат двојно или повеќе заштеда на годишно ниво. Ова е вистинска грижа за граѓаните“,
рече Шилегов.
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов ја копира Арсовска
На ветувањата на Шилегов, конкретно за бесплатниот превоз, реагираше ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи го дека претходно тврдел дека тоа е невозможно, а сега копира проекти од Данела Арсовска.
„Проектот бесплатен јавен превоз е проект на Данела Арсовска, а Шилегов со ветувањето за бесплатен превоз само копира. Шилегов во првиот круг од изборите велеше дека проектот е невозможен, а сега дел по дел копира. Не само што е возможен проектот за бесплатен јавен превоз за сите скопјани, туку и возниот парк на ЈСП ќе има 250 нови еколошки автобуси. Шилегов ќе има можност од 31 октомври натака да гледа како се работи за Скопје“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.