Рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој како и визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација ќе донесе новиот Генерален урбанистички план за Скопје, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Денеска тој, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Агенцијата за просторно планирање Огнен Апостолски го потпишаа и го презентираа новиот ГУП на Скопје, кој се однесува за следните десет години.
„Бидејќи станува збор за еден сложен и сеопфатен процес, новиот ГУП на Град Скопје 2022-2032 ќе биде изработен со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а во неговата изработка директно ќе се вклучи Агенцијата за просторно планирање со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните, како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа“,
рече Шилегов.
Според неговата визија, Скопје ќе биде зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедување чиста и здрава животна средина.
„Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратегиски развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на период од една декада. Како таков се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот“,
додаде Шилегов.