ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека не ги почитувал препораките против коронавирусот и дека, како што тврдат, бил во Шпанија и не се изолирал
Како мотив за граѓаните да останат дома, а со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, Град Скопје најави нова кампања со која секој ден ќе избира најдобра фотографија направена во домашна изолација, а граѓаните ќе ги наградува со 100 евра.
„Избираме најдобра фотографија на тема #СкопјеДома секој ден и доделуваме награди за најкреативните од вас! Испратете ни автентична фотографија/видео/гиф од вашиот дом како го поминувате времето во изолација сами, со вашето семејство или милениците, а Град Скопје ќе ги избира најдобрите секој ден и ќе им доделува награди во висина до 100 евра. Помогнете им на здравствените работници“,
стои во повикот на Град Скопје.
Идејата, велат, е да се мотивираат граѓаните да останат дома и да го спречат ширењето на коронавирусот, а фотографиите може да ги објавуваат на Фејсбук со хаштагот #СкопјеДома.
Опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, пак, денеска излегоа со реакција за конкурсот, нарекувајќи го Шилегов „воен профитер“ и го повикаа да преземе конкретни мерки за превенција од коронавирусот.
„Ако сака Шилегов искрено да помогне, нека ја зголеми бројката на автобуси што превезуваат патници во ударните термини, наместо постојано да ја намалува а скопјани да ги преполнуваат претесните автобуси? Нека се зафати со 24-часовно миење на улици, а не парадерско фотографирање. Ако Шилегов сака да работи одговорно, наместо да пишува додворувачки статуси за Филипче, нека помогне градот со набавка на бесплатни маски за заштита на скопјани“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата го обвини Шилегов дека не ги почитувал препораките против коронавирусот и дека, како што тврдат, бил во Шпанија, а откако се вратил не останал во домашна изолација.