Малолетникот испукал само еден куршум, а наставничката, според полициското соопштение, се стекнала со тешки повреди кои се сметаат за опасни по живот
Шестгодишно момче е приведено во полиција откако вчера пукало во наставничка во основното училиште Рихнек во Њупорт Њуз, Вирџинија, соопшти полицијата, пренесе Си-ен-ен.
„Поединецот е шестгодишен ученик. Тој во моментов е во полициски притвор“,
изјавил началникот на полицијата Стив Дру.
Тој изјавил дека инцидентот „не е случајно пукање“ и додал дека наставничката која имала околу 30 години била застрелана во училница откако дошло до расправија меѓу неа и шестгодишникот кој го поседувал оружјето.
Малолетникот испукал само еден куршум, а наставничката, според полициското соопштение, се стекнала со тешки повреди кои се сметаат за опасни по живот.
Во инцидентот нема повредени ученици.
Началникот на полицијата на Њупорт Њуз, Стив Дру изјави дека е непознато како детето дошло до пиштолот и додаде дека истрагата е во тек.
Основното училиште каде се случи несреќата ќе биде затворено до понеделник.