Израелската војска од понеделникот вечерта изведува тешки воздушни напади против Хамас и палестинската група Исламски џихад (ПИЈ)
Шест деца загинаа денеска во израелски воздушен напад врз станбена зграда во градот Газа, објавија палестинските медиуми, јави ДПА. Неколку други лица се повредени, се вели во извештајот.

Израелската армија соопшти дека ќе го истражи извештајот.
Израелската војска од понеделникот вечерта изведува тешки воздушни напади против Хамас и палестинската група Исламски џихад (ПИЈ).
Со ова практично заврши примирјето што беше во сила од 19 јануари. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за обновеното насилство.
Израелската армија соопшти дека повторно оперира со копнени трупи во неколку области на Појасот Газа.
Израелската армија ги повика жителите на три области во јужниот дел на Газа веднаш да ги напуштат своите домови поради „неизбежен напад“.
„До сите жители во областа, вклучително и Ас Салатин, Ал Карама и Ал Авда – ова е рано предупредување дека нападот е неизбежен. Терористичките организации се враќаат и истрелуваат ракети врз населените области. За ваша безбедност, веднаш упатете се кон вашите познати засолништа на југ“,
напиша портпаролот на израелската војска, Авихаи Адрае на социјалната мрежа Икс.
Претходно израелската армија објави дека пресретнала две ракети истрелани од Појасот Газа, набргу откако се огласија сирените во Ашкелон, град кој се наоѓа на неколку километри од границата со палестинската енклава, пренесоа агенциите.
„Израелските воздухопловни сили пресретнаа две ракети истрелани од северниот дел на Појасот Газа“,
се вели во соопштението.