На состанокот, како што соопшти прес-службата на Владата, биле потврдени традиционално добрите односи помеѓу С Македонија и Турција кои, како што е заклучено, бележат унапредување
Турција е меѓу најголемите трговски партнери на С Македонија, а во земјава има и значителен број турски инвеститори кои веќе ивестираат или се заинтересирани за отворање бизнис во државава, било констатирано на средбата на премиерот, Димитар Ковачевски со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, кој од денеска е во дводневна официјална посета на Скопје.
На состанокот, како што соопшти прес-службата на Владата, биле потврдени традиционално добрите односи помеѓу двете држави кои, како што е заклучено, бележат унапредување.
„На средбата е пренесен поздрав од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, до премиерот Ковачевски и силна поддршка од Република Турција за напредокот на Република Северна Македонија во делот на евроинтеграциите, по почетокот на преговорите“,
се нагласува во соопштението.
Во тој контекст, заеднички било констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија се значајни за перспективите на нашата земја, но и за стабилноста на целиот регион, како и на Европа.
„Премиерот Ковачевски се заблагодари за значајното, искрено, долгогодишно и континуирано пријателство и поддршката од Република Турција на нашата држава, од осамостојувањето до денес, што продолжува да се развива во рамки на партнерството на двете држави во НАТО“,
стои во соопштението.
Во оваа насока посебно била истакната соработката во областа на одбраната.
Разговарано било и за значењето на поддршката од Турција и соработката во областа на енергетиката.
На состанокот, во пресрет на утрешниот државен празник за турската зедница во земјава, Денот на наставата на турски јазик, премиерот Ковачевски нагласил дека Владата останува посветена на развојот на Северна Македонија како успешен пример на мултиетничка, функционална демократија во регионот и во Европа.
„Во рамки на овие определби е посочено и на подршката за отворање нови паралелки на турски јазик во училиштата во државава“,
информираат од Владата.
На состанокот посебно била истакната соработката во областа на културата помеѓу С Македонија и Турција, што резултира и со отворените културни центри во Скопје и во Истанбул, како и реализацијата на други проекти што се во насока на унапредување на соработката на овој план.