Доскорешната заменик-претседателка на СДСМ како основна причина за своето повлекување го наведе тоа што нејзината партија ги исполнила двете најголеми цели што си ги поставила пред преземањето на власта во 2017 година
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, доскорешна заменик-претседателка на СДСМ, изјави дека била цврсто решена да се повлече од партиското раководство и затоа својата одлука прво ја изнела во изјава за јавноста, а потоа во партијата. Во гостување на Канал 5, Шекеринска како основна причина за своето повлеквање го наведе тоа што нејзината партија ги исполнила двете најголеми цели што си ги поставила пред преземањето на власта во 2017 година.
Првата цел изгледаше малку веројатна, но, сепак, успеавме, по демократски пат, да го срушиме режимот. Втората цел беше да ја поставиме државата на стратегиските шини. Симбол на тоа беше членството во НАТО. Во овој дел кој се однесува на СДСМ, во политичките процеси, успешно се завршени двете поставени стратегиски цели“,
рече Шекеринска.
Таа објасни и зашто својата одлука за повлекување од позицијата заменик-претседател на СДСМ прво ја соопштила во изјава за медиумите.
„Имав новинарско прашање и не сакав да го одмолчам одговорот. Кога ќе донесете таква одлука и ќе ја соопштите само во партијата, тоа се доживува како ајде сега очекувам да ме разубедите. Тоа ми се случуваше во 2008 година, кога соопштив дека се повлекувам од претседателската функција во СДСМ и кога се очекуваше дека ќе се премислам Кога не сум сигурна ќе молчам, но кога ќе кажам сакам тоа да биде дефинитивно. Затоа сакав прво да го соопштам во јавност. Размислив неколку секунди и одговорив на новинарското прашање, за да биде на чисто дека ова не е обид за игра. За да ви тежи зборот, треба да го давате кога навистина го мислите“,
рече Шекеринска.
На прашање дали смета дека нејзината наследничка на функцијата во СДСМ, Сања Лукаревска, ќе ѝ биде достојна замена, Шекеринска рече дека не е коректно така да се гледа на работите – дека некој треба да заменува некого, иако, како што посочи, специфично во овој случај е што таа беше прва носителка на заменик-претседателската функција.
„Не мислам дека некој треба мене да ме заменува. Функцијата е дефинирана во нашиот статут и секој треба да ја врши на свој начин. Сања треба да биде добар заменик претседател на СДСМ. Секој има право на добар почеток“,
нагласи Шекеринска.
Одговорајќи на прашање што точно мислела кога им порача на сопартијците дека не треба да дозволат да ги замолчат, таа рече дека секогаш е за тоа дека треба да се дебатира отворено и прво да се кажуваат болните работи, за да се решаваат проблемите.
„Можеби дискусијата што и ние ја водевме на конгресот, беше вовед во тој мој коментар. Главниот тест за секоја демократска држава се демократски партии. Прашањато е дали во тимот, во партијата и во државата, ќе говориме отворено или ќе молчиме организирано. Оваа држава падна кога сите почнаа да молчат, кога новинарите почнаа да се плашат…Кога зборуваме во рамки на партијата јас барам лојалност кон тимот и давам лојалност. Првата задача на лојален член е да ми ја каже вистината, каква и да е. Јас го зборувам тоа што го мислам и очекувам сите кои работат со мене прво да ми го кажат она што боли. Мојата сугестија е дека за сите теми кои болат мора да се дискутира. Прва задача е СДСМ да не им дава повторно простор на политичките кујни да доминираат. За сите теми кои болат, мора да се дискутира отворено. Ние донесовме ново време во земјава. Нема да дозволиме да се врати тоа време од режимот. Заев никогаш нема да стане како Груевски. Пред четири години обезбедивме слобода, а без слобода, нема правда“,
порача Шекеринска.
Таа оцени и дека во овие четири години, по смената на власта во 2017 година, е постигнат голем напредок.
„Не сакам да се споредуваме со ВМРО-ДПМНЕ , затоа што тоа е неспоредливо. Мислам дека луѓето кои не поддржуваат сакаат промеите побрзо да се случуваат, ама се свесни дека е постигнат голем напредок. Демократските влади не се имуни на грешки, ама се корегираат. Нашата политика е многу јасна и потврдена на два изборни циклуси во меѓувреме и свесни сме дека се уште има политики за кои треба да сработиме повеќе“,
заклучи Шекеринска.