Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека срамно е и несериозно однесувањето на полковникот Драган Ковачки, кој е и член на ИК во ВМРО-ДПМНЕ. Коментирајќи ја најавата дека тој ќе тужи бидејќи е казнет од плата за пораката „долга е раката на ВМРО“, Шекеринска вели тој е ем лаже, ем плаче.
„Да реагирав на твитер ке речев ‘ем лажго – ем плачко’. Срамно е кога еден офицер упатува закани, а особено против началник на Генералштаб. Срамно е и на пониско ниво, а особено кога против еден генерал ќе напишеш ‘долга е раката на ВМРО’. Не оди заедно и партиската и воената униформа. Полковникот покажува непознавање на законите. Во многу држави кога еден офицер партиски му се заканува на началник- генерал, тоа поминува со отказ. Можев да го одобрам и тоа и губење на чинот. Тој не доби отказ, јас сметав дека треба да му се даде последна опомена. А сега, кога е казнет од плата, тој плаче. Тоа е несоодветно за еден офицер“,
изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на настанот по повод реновирање на објекти во скопската касарна „Илинден“.
Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува и престанок на работниот однос, но Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оценила оваа мерка за престрога, па началникот на Генералштабот, како надлежен старешина, ја донел и спроведе следната пониска дисциплинска мерка.
„Се гледаме на суд, одберете си добар тим правници“,
ѝ порача полковникот Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по веста дека тој добил дисциплинска мерка, односно дека е казнет со 30 проценти од плата во траење од шест месеци.
Главната военодисциплинска комисија, како што се посочува, по иницијатива на началникот на ГШ, расправала за утврдување на дисциплинска одговорност на полковник Ковачки по три основи: Поради испратена порака преку Вибер до началникот на ГШ, во која изнел закани, клевети и обвинувања, политички пост на Фејсбук во кој изнел неосновани обвинувања за врховниот командант на Армијата, претседателот Стево Пендаровски и поради јавните настапи на полковникот при што тој не ги почитувал насоките од Правилото за односи со јавноста на Армијата, усвоено во 2016 година. Меѓу останатите основи по кој е утврдена вина се и „непочитување на редот и дисциплината пропишани со правилата за ред и дисциплина“, како и „постапување спротивно на правилата и прописите за вршење воена служба.
„Главната воено дисциплинска комисија утврдила вина на полковникот Драган Ковачки за сторени повредни по членот 131 став 2 точка 13, 17, 22, 28 и 31 од Законот за служба во Армијата. Еден од основите за кој е утврдена вина е и точката 13 од наведениот член и став, „повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар“, бидејќи упатена е закана од полковникот Драган Ковачки кон началникот на Генералштабот, која гласи – „долга е раката на ВМРО“,
информираа од Министерството за одбрана за МИА.