Во првата половина на март се очекува ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на шпанскиот парламент, по што во текот на тој месец се очекува Северна Македонија да стане и официјална членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Ова за МИА го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која вчера и завчера во Брисел учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет, во формат на министри за одбрана на земјите членки на Алијансата.
„Според сите информации на шпанските колеги, очекуваме ратификација во шпанскиот парламент во првата половина на март. Тоа значи дека во текот на месецот ние ќе можеме буквално да ставиме печат, да ставиме потпис и да кажеме дека еден голем напор и еден огромен проект, кој е стратегиски важен за државата, го завршивме со успех“,
рече Шекеринска во интервјуто за МИА.
На прашањето кога ќе се крене македонското знаме во седиштето на НАТО, Шекеринска одговара:
„Тоа сè уште зависи од шпанскиот календар, но како што реков на почетокот, јас би рекла март ќе биде многу убав месец за бриселскиот или белгиски ветер да покаже колку е убаво македонското знаме“.
поврзана вест* Шпанскиот парламент отпочна итна постапка за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО
Комитетот за надворешни работи, на предлог на Бирото (претседателство) на шпанскиот Конгрес, ја прифати иницијативата за отпочнување итна процедура за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Според актите што се објавени на официјалната веб-страница на Конгресот, Бирото ја донело оваа одлука во вторникот, со барање до Комисијата ургентно да го авторизира овој меѓународен договор.
Откако протоколот ќе го одобри Комитетот, за тоа ќе треба да се изјасни и Конгресот на пленарна седница, по што документот ќе оди на финално одобрување во Сенатот.