За 30 март била планирала церемонијата на кревањето на македонското знаме во седиштето на НАТО во Брисел, но сега, поради коронавирусот, тие планови паднале во вода, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Нашата стратегиска цел, членство во НАТО, ја завршуваме во, за жал, најлоши можни околности. Согласно планот кој беше пред епидемијата, ние требаше вчера да го депонираме нашиот Протокол за НАТО во Вашингтон и плановите што ги правевме со НАТО беа дека на 30 март нашето знаме официјално ќе се крене во Брисел. Се разбира, кога започна епидемијата со коронавирусуот, овие планови паднаа во вода. Меѓутоа, очекуваме секој момент нашиот Протокол да стигне во Вашингтон и веднаш потоа за неколку дена практично да го видиме, за жал од далечина, нашето знаме како се виори со останатите знамиња на 29-те земји членки“,
изјави Шекеринска.
Таа порача дека ова не е време за прослави и патувања и дека целиот фокус на власта е да се спасат човечки животи, но и да се спаси македонската економија.
Сепак, и покрај целиот фокус на кризата со коронавирусот, министерката смета дека е добро оваа недела да се каже дека сите заедно сме успеале во остварувањето на членството во Алијансата.