Фокусот на реформите во Армијата во следниот период ќе бидат насочени кон нашите НАТО капацитети, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на планинарската тура на Бистра што ја организираше Министерството за одбрана под мото „Ние сме НАТО“, а по повод 8 Септември, Денот на независноста.
Таа порача дека реформите и новата систематизација во армијата е во насока да одговара на реалните потреби.
„Трансформацијата во армијата и одредените реформи во Министерството за одбрана се дел од големиот пакет. Како земја членка ги добивме НАТО способностите што од нас ќе се очекуваат по неколку години. Тие ќе бидат репер за тоа како ќе ги водиме реформите. Се разбира има одредени капацитети кои ќе ги правиме исклучиво за домашни потреби. Меѓутоа фокусот ќе биде ставен на овие НАТО капацитети и многу брзо ќе ја информираме Владата кои се тие капацитети. Тука мислам на лесната на пешадиска борбена група, меѓутоа имаме и хируршки тимови, тимови од специјалци. Тоа ќе биде фокусот во следниот период“,
рече Шекеринска.
Шекеринска рече дека на хартија ќе се намали бројот на позиции во армијата, но ќе останат сите постоечки војници.
„Сите, подофицери и офицери се, не само сигурни, туку ни се потребни. Ние сега сме во тек на испраќање голем број на офицери на командни должности. Имаме офицери и подофицери кои беа распоредени во СИБРИГ, па ќе кажам дури ни требаат и повеќе луѓе. Бројката на хартија ќе се намали меѓутоа тоа е заради тоа што долги години таа на хартија била голема, а реално не сме имале ни толку војници, ни толку офицери. Со членството во НАТО очекувањата од секој војник, од секој офицер се многу повисоки“,
рече министерката.