Припадниците на Армијата, и поранешните и сегашните, треба да бидат горди, бидејќи имаа клучна улога во пишувањето на влезницата за НАТО, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод одбележувањето на Денот на Армијата.
„Долг пат поминавме од местото каде што почнавме пред три години. Станавме триесетта членка на Алијансата и дел од најмоќниот воено политички сојуз. Се опкруживме со сојузници кои ги споделуваат нашите вредности. Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Но, најважно од се, заедно со подигањето на нашето знаме, се подигна и нашата гордост и главата на сите граѓани“
рече Шекеринска.
Според министерката, со подигањето на нашето знаме во Брисел првпат во историјата, државата забележала успех кој ја поместил напред и и ги отворил перспективите.
„Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, пред сојузничката команда за операции во Монс, пред сојузничката команда во Норфолк, како и во сите останати команди на НАТО Алијансата. Од зборови и надежи направивме резултат. Од прослави на кои НАТО знамето беше пример и симбол на нашите желби дојдовме во ситуација да го прославуваме денот на Армијата и знамето на НАТО да биде дел и симбол на нашата припадост и успех“,
рече Шекеринска.
Потсетувајќи се на времето кога станала министер за одбрана, рече дека била поразена од тоа што го видела во Министерството и други важни ресори за НАТО Алијансата. Буџетот бил под секое ниво, опремата била дотраена, а платите ниски и немотивирачки, без дневници и лошо услови за пензионирање. По преземањето на функцијата, Шекеринска напомена дека се зголемил буџетот за институцијата, платите во Армијата, новата лична опрема за војската, се потпишал договор со САД за набавка на нови оклопни возила, а како што напомена во моментот се реновираат касарните.
„Осмото скалило беше носење на нов закон за одбрана и закон за служба, закони кои нема да ги дискриминираат, туку ќе ги поддржат припаднициуте на Армијата. Деветото скалило беше формирање на лесна пешадиска борбена група која деклариравме како единица за НАТО и качувајќи ги тие скалила успеавме да се искачиме до нашата цел, членство во НАТО“,
истакна министерката за одбрана.
Ковид кризата, според Шекеринска, покажа и колкава е блискоста меѓу нашите војници, Армијата и граѓаните. Потенцира дека членки на НАТО први ни притекнале на помош за време на пандемијата.
„Бевме секаде каде што имаше потреба од Армијата. Во загрозените подрачја, пред карантините, вржевме транспорт, го чувавме редот, ја обезбедувавме границата и помагавме на полицијата дојдове во поткрепа и на здравствените работници. И затоа добивме награда за оваа посветеност кон својот народ. Истражувањата покажуваат дека Армија ужива голема доверба кај граѓаните“,
додаде Шекеринска.