Врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на своите институции и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Веднаш штом ќе се создадат услови, штом епидемијата ќе даде шанса да организираме избори, тоа треба да го направиме, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа најави дека одлуката ќе се носи низ консултации, за да не се дозволи државата да влезе и во можниот втор бран епидемија во втората половина на годината без Собрание и без целосно функционални институции во полн капацитет.
„Затоа сметаме дека се неопходни избори“,
изјави Шекеринска во одговор на новинарско прашање по полагањето цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје по повод 117-годишнината од смртта на македонскиот револуционер.
„Во моментов имаме вонредна состојба, и имаме Собрание кое е распуштено. Сметаме дека врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на своите институции и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Затоа нашиот став беше веднаш штом ќе се создадат услови, веднаш штом епидемијата ќе ни даде шанса да ги организираме изборите, тоа и да го направиме“,
потенцира Шекеринска.
Коментирајќи го ставот на опозицијата која смета дека сега не е време за избори, Шекеринска посочува дека за шест дена ВМРО-ДПМНЕ излегува за два спротивни става за вонредната состојба.
„Прво нивниот претседател тврдеше дека втората вонредна состојба тој не можел да ја разбере, за потоа потпретседателот на неговата партија, да каже дека неопходно е вонредната состојба да продолжи. Станува јасно дека не се грижат за епидемијата, не се грижат за граѓаните, не се грижат за државата, туку единствената цел е да ја избегнат опасноста за нив наречена избори. Свесни се дека граѓаните ги памтат не само поранешните политики туку памтат и дека во период на епидемија тие се трудеа да тераат политика, а не да помагаат на државата да се справи со ова зло“,
рече Шекеринска.
*Поврзана вест