Таа смета дека земјава е горда на постигнувањата и дека ќе се продолжи и натаму со, како што рече, паметни одлуки и вистински политики
Со добри решенија, ќе ги демантираме и најголемите скептици, а гласот против блокадата ќе расте, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска коментирајќи ги случувањата поврзани со бугарското вето за почетокот на преговорите со ЕУ во Луксембург.
„Вие гледате дека последниве месеци критиките се посилни во другите европски градови отколку што е разочарувањето и критиките што доаѓаат од кај нас“,
рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
Таа смета дека земјава е горда на постигнувањата и дека ќе се продолжи и натаму со, како што рече, паметни одлуки и вистински политики.
„Во билатералните спорови не е само што вие ќе направите, туку треба и другата страна да направи. Попаметниот пристап е да кажеме дека зад нас е голем успех, станавме членка на НАТО, работиме на реформите и дека и натаму ќе носиме паметни одлуки и ќе водиме вистински политики. Но, не само за да ѝ покажеме на ЕУ дека се однесуваме европски, туку дека нашите граѓани се Европејци и дека очекуваат од нас европски стандарди“,
рече Шекеринска.
Бугарскиот претседател Румен Радев, вчера во Брисел, ден по состанокот во Луксембург, призна дека Бугарија била под притисок, како што рече, еден и пол месец, но ги издржала и ги демантирала обвинувањата.
Тој дури се пофали дека успеале да издејствуваат прашањето за започнување преговори со Скопје и Тирана да се отстрани од агендата на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ.
„Последните месец и половина, Бугарија беше под неверојатен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да ги започне преговорите за членство со РСМ. Верувам дека разбраа дека обвинувањата против Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции, на одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да се излезе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија… Притисокот ќе продолжи, но ние докажавме овој месец и половина дека можеме да бидеме отворени за конструктивен дијалог и да иницираме дијалог на највисоко ниво“,
изјави Радев во Брисел.