По пристигнувањето на дводневниот Европски совет во Брисел, бугарскиот претседател рече дека Бугарија успеала во инсистирањето прашањето за започнување преговори со Скопје и Тирана да се отстрани од денешната агенда на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска изјави дека брзото движење на Република Северна Македонија кон ЕУ зависи само од дијалогот со Бугарија.
Тој по пристигнувањето на дводневниот Европски совет во Брисел рече дека е време сите да разберат дека забрзувањето на европската перспектива за најблиска држава на Бугарија зависи само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија.
„Јасно е дека луѓето во РСМ се наши браќа и ние сме должни да им помагаме, како и секогаш. Бугарија останува отворена за брзи, успешни билатерални преговори во интерес на граѓаните на двете земји“,
рече Радев.
Тој соопшти дека Бугарија успеала во инсистирањето прашањето за започнување преговори со Скопје и Тирана да се отстрани од денешната агенда на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ.
„Последните месец и половина, Бугарија беше под неверојатен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да ги започне преговорите за членство со РСМ. Верувам дека разбраа дека обвинувањата против Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции, на одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да се излезе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија… Притисокот ќе продолжи, но ние докажавме овој месец и половина дека можеме да бидеме отворени за конструктивен дијалог и да иницираме дијалог на највисоко ниво“,
изјави Радев во Брисел.