Шекеринска и Купер разговарале за вежбата „Одлучен удар 21“, чиј домаќин ќе биде нашата земја, а САД се најголемите контрибутори во логистиката и реализацијата на оваа мултилатерална вежба, во која ќе земат учество и Грција и Бугарија
„Северна Македонија успешно го помина тестот од првата година членство во НАТО. Буџетот во одбраната бележи континуиран раст при што акцентот на трошењата го ставаме на модернизацијата на нашите капацитети. Воената интеграција во НАТО се одвива според планираната динамика и ќе заврши до крајот на годината. После многу години учество во НАТО мисии на Блискиот Исток, се свртуваме и кон регионот и учествуваме во мисијата КФОР“, посочила министерката за одбрана Радмила Шекеринска во телефонски разговор со помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.
Во денешниот разговор, Шекеринска и американската висока претставничка од одбраната се осврнале на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО, политичко-безбедносната ситуација во регионот и плановите за одбранбена соработка.
Како што информира Министетството за одбрана, Шекеринска упатила честитки за новата администрација и изборот на нов секретар за одбрана и изразила очекувања дека сојузништвото и одбранбената соработка ќе продолжат по нагорна линија.

Шекеринска и Купер разговарале за вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја, а САД се најголемите контрибутори во логистиката и реализацијата на оваа мултилатерална вежба во која ќе земат учество и Грција и Бугарија.
„Да се биде домаќин на ‘Одлучен удар 21’ е големо признание за одбранбените капацитети на нашата Армија и за нашата земја, особено затоа што нејзината изведба е во тесно партнерство со Соединетите Американски Држави и што е израз на длабоката меѓусебна доверба меѓу двете земји“,
рекла Шекеринска.
Купер, како што информира Министетството за одбрана, ги поздрави заедничките активности на полето на одбраната и изрази уверување дека претстојната вежба „Одлучен удар 21“, во која САД имаат големо учество, ќе помине успешно.
„Таа рече дека со доаѓањето на новата администрација, Вашингтон останува фокусиран на поддршката на напредокот на земјите од Западен Балкан на евроатлантскиот пат“,
се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.